Почина астронаутот Алан Бин, кој чекореше по Месечината и стана астроуметник

Американскиот астронаут Алан Бик, кој во 1969 година чекореше по Месечината во мисијата Apollo 12 а потоа стана сликар а ќе остане запаметен по изјавата дека имал најубав живот на светот, починал во саботата на 86-годишна возраст во Хјустон, откако пред две седмици му се слошило на патување.

Алан Бин е роден на 15-ти март 1932 година во Вилер во сојузната држава Тексас, а растел во Форт Ворт. Уште на 17-годишна возраст почнал со обуките за пилот, студирал воздухопловно инженерство на Универзитетот Тексас, а потоа заминал во морнарицата каде што бил обучуван кај Чарлс Конрад кој потоа е клучната личност за неговото патување во Вселената. Бин во 1969 година учествувал во мисијата Apollo 12, а во 1973 година бил командант на екипажот на вселенската станица Skylab.

„Алан беше најсилниот и најнежниот маж. Беше љубовта на мојот живот и многу ќе ми недостига“, напиша Лесли Бин која со астронаутот беше 40 години во брак.

Бин во 1969-та остави свои отпечатоци на месечевата област наречена Океан на бурите, а на 40-годишнината од оваа втора мисија на NASA на Месечината ги изложи своите слики од земјениот сателит.

„Се сеќавам дека еднаш погледнав на Земјата и помислив ‘ова е прекрасно’. Потоа си реков ‘престани да се зезаш оди земај камења’. Сфативме дека рефлексијата не е продуктивна“, откри за оваа мисија во 1981 година во разговорот за списанието The People.

Подоцна работел на обуката на идните астронаути, а во 1981 годна ги изненади сите кога се откажа од кариерата во NASA за целосно да ѝ се посвети на уметноста.

„Морате да го живеете својот сон дури и кога другите мислат дека тоа е погрешно…. Половината астронаути мислеа дека тоа е криза на средните години или нешто слично. Втората половина, оние коишто повеќе размислуваа со десната страна на мозокот, мислеа дека тоа е многу добра идеја“, изјави во 2010 година во разговорот за порталот на NASA Бин кој од својот дом создаваше слики на тема мисиите Apollo, со свои прикази или на другите астронаути.

Сликите на Бин се продаваат по цена од десетина илјади долари, а добро се прифатени и од критичарите и од неговите поранешни колеги.

„Алан Бин и неговата астроуметност ја рекреираат драмата и возбудувањето од човековото истражување на Месечината на начин кој може да го изведе само личност којашто била таму“, изјави своевремено славниот астронаут Нил Армстронг.

Самиот Бин сметаше дека ќе остане запаметен „и како астронаут и како уметник“. „Мислам дека сите може да сторат повеќе од една работа во своите животи“, заклучи во споменатиот разговор за The People.

„Алан Би еднаш рече ‘го имам најубавиот живот на светот’. Тоа е утешно чувство додека тагуваме поради неговото заминување“, соопшти во саботата Џим Бриндстајн од NASA.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.