Почина легендарниот Дејвид Боуви

Само неколку дена по неговиот 69-ти роденден и го објави својот 25. и последен студиски албум „Blackstar“, легендарниот британски музичар Дејвид Боуви вчера ја изгуби 18-месечната битка со ракот.

Веста утрово ја потврди неговиот портпарол, кој рече дека музичарот починал во мир, опкружен со неговото семејство.

Дејвид Боуви (Дејвид Роберт Џоунс, 08.01.1947 – 10.01.2016) е англиски музичар, актер, музички продуцент и аранжер. Тој цели пет децении има водечка улога во светот на поп-музиката. Боуви е широко признат како иноватор, особено за неговата работа во 70-тите, и познат по неговиот специфичен глас и интелектуалната длабочина во работата.

Боуви за првпат допре до јавноста во јули 1969 г., кога неговата песна „Space Oddity“ ја достигна англиската топ 5 листа на синглови. По тригодишен период на експериментирање, тој повторно се појави во 1972 г. за време на гламурозната рок ера со темпераментното, андрогено второ „јас” Зиги Стардаст, предводен од хит-синглот „Starman“ и албумот „The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars“. Влијанието на Боуви во тоа време, како што е опишано од биографот Дејвид Бакли, ги предизвика основните верувања на рок-музиката на негово време и го создаде можеби најголемиот култ на поп-културата. Релатвно краткиот живот на личноста Зиги покажа само еден дел од кариера, одбележана со континуирана реинвенција, музичка иновација и впечатлива визуелна презентација.

Во 1975 г., Боуви го достигна најголемиот успех во Америка со број еден синглот „Fame“, напишан заедно со Џон Ленон, и со хит-албумот „Young Americans“, кој го карактеризира пејачот како „пластична душа“. Музиката покажа радикална промена во стилот, и отпрвин отуѓи многу од неговите англиски приврзаници. Потоа тој ги збуни очекувањата на неговата издавачка куќа и неговата американска публика со снимањето на минималистичкиот албум „Low“ (1977 г.) – првиот од трите соработувања со Брајан Ено во наредните две години. Сите три албуми од таканаречената „Berlin Trilogy“ стигнаа на англиската топ 5 листа и заработија трајни критички пофалби.

По нееднаквиот комерцијален успех во доцните 70-ти, Боуви го доби англискиот број 1 со синглот од 1980-та „Ashes to Ashes“ и албумот „Scary Monsters (and Super Creeps)“. Тој се здружи со групата „Квин“ за изработка на број 1 хитот во Англија „Under Pressure“ од 1981-та, а потоа достигна нов комерцијален врв во 1983 со албумот „Let`s Dance”, во кој се наоѓаат песните „Let`s Dance“, „China Girl“ и „Modern Love“.

Во текот на 90-те и 2000-те, Боуви продолжи со експериментирање во музичките стилови, вклучувајќи blue-eyed soul, industrial, adult contemporary, и jungle стил. Неговиот албум „Reality“ од 2003 година беше поддржан со  истоимената турнеја (2003 – 2004 г.). Биографот Дејвид Бакли ќе каже за Боуви: „Неговото влијание беше уникатно во поп-културата – тој ограничи и измени повеќе животи отколку која било споредлива фигура“.

Во анкетата на БиБиСи од 2002-та година за 100 најдобри Британци, Боуви беше на 29. место. За време на неговата кариера, тој продаде 136 милиони примероци од неговите албуми. Во Англија му беа доделени 9 платинести сертификати за албумите, 11 златни и 8 сребрени, а во Америка 5 платинести и 7 златни сертификати. Во 2004, се пласираше на 39-то место на листата на списанието „Ролинг Стоун“ на 100 најдобри артисти на сите времиња, и на 23. на листата на најдобри пејачи на сите времиња.