Почина една од клучните личности во надворешната политика на САД, Збигњев Бжежински

Поранешниот американски советник за национална Безбедност Збигнев Бжежински, познат по своите влијателни и бескомпромисни ставови во надворешната политика, почина во петокот на 89-годишна возраст, соопшти неговото семејство,

Бжежински, син на полски дипломат, беше советник за национална безбедност во текот на претседателствувањето на Џими Картер, во периодот од 1977 до 1981 година.

Беше една од клучните личности на американската надворешна политика во текот на неколку големи меѓународни кризи во тој период: Иранската револуција со којашто беше соборен Шахот, заложничката криза во американската амбасада до Техеран, и советската инвазија во Авганистан.

Бжежински по влегувањето на силите на тогашниот Советски сојуз во Авганистан во 1979 година го наговорил претседателот Картер да потрошни милијарди долари во воена помош за да ги вооружи исламистичките милитанти во борбата против советските трупи.

Поради неговите бескомпромисни ставови во американско-советските односи, советските комунистички гласила го нарекуваа „непријател на детантот“, односно политиката на попуштање на тензиите.

Бжежински е роден во полската престолнина Варшава во 1928 година, од каде што како дете се преселил во Канада каде неговиот татко служел како дипломат. По Втората светска војна и стапувањето на комунистичката власт во Полска, семејството останало на Западот. Бжежински дипломирал на Харвард во 1953 година, а пет години подоцна станал американски државјанин.

По ангажманот во администрацијата на Картер, Бжежински беше консултант за надворешна политика и предавал за меѓународни односи на низа универзитети и институти. Последните години беше член на раководствата на неколку фондови и компании, експерт на Центарот за стратегиски и меѓународни истражување во Вашингтон, предавач на Школата за напредни меѓународни студи Пол Нитц при Универзитетот Џон Хопкинс. Беше постојан член на елитниот „Билдербершки клуб“, во кој се големи политички лидери, банкари и директори на трансконтинентални корпорации, економисти и банкари.

Објавуваше трудови на овие теми во многу влијателни светски списанија. Едно од неговите најпознати дела е „Големата шаховска табла: приматот на Америка и нејзините геостратешки императиви“, во којашто покрај своите погледи за многу региони во светот вклучително и Балканот, го изложува ставот дека САД не смеат да дозволат ниедна земја да стане доминантна сола во Евроазија, а во прв ред станува збор за одвраќањето на тогашниот Советски сојуз од влијанието во Централна Азија.

Повремено беше критичен кон надворешната политика на претседателите Бил Клинтон и Џорџ В. Буш, особено се противеше на неговата „војната против теророт“ и инвазијата врз Ирак од 2003 година. Во август 2007 година го поддржа изборот на Барак Обама за американски претседател.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.