Почина новинарката Неда Бакевска

Почина новинарката Неда Бакевска
Почина новинарката Неда Бакевска
Почина Неда Бакевска (1974 – 2015), повеќегодишен новинар на Телевизија Телма. Во текот на ноќта откажа да работи нејзиното истоштено срце, со кое Неда со години, успешно ја водеше својата енергична борба за живот.

Неда Бакевска беше родена 1974 година во Скопје кадешто го заврши основното и средното образование и кадешто дипломира на Филолошкиот факултет, на групата за македонска и јужнословенски книжевности, со англиски и француски јазик и литература.

Во 2001 година Бакевска магистрираше комуникологија на Институтот за политичко-правни студии, одбранувајќи ја тезата „Пренесување на значењето на културното наследство на локалитетот „Кокино“ преку документарните телевизиски програми “.

Во периодот  2001-2002 година Неда Бакевска оствари студиски престој во САД, на програмата за професионален развој на новинари.

Според сопствените интересирања и афинитети, но и како ќерка на истакнатиот писател Петре Бакевски, Неда Бакевска сиот живот го посвети на книгата во секој нејзин вид, не само како страстен читател на поетски, прозни, публицистички и теориски дела, но пред се’ како професионален проследувач на овој домен во нејзиниот зрел, седумнаесет  години долг работен век, почнувајќи од нејзиниот повеќестран ангажман во книгоиздателството „Култура“ кадешто се вработи во 1998 година, се’ до нејзината уште покреативна професионална фаза остварена како новинар во Телевизија Телма каде работеше од 2000. година до денес.

Последниве години Бакевска, работеше на својата докторска теза за „Влијанието на новите комуникациски технологии врз формирањето на виртуелни заедници: реконструирање на идентитетите во процесот на блогирање“, 2011 година прифатена на Институтот за македонска литература.

Неда носеше современ вкус и сензибилитет, и интелектуален дух исполнет со критички рафинман. Следеше и суверено владееше цела палета и вонкнижевни културни домени , сериозната музика и операта, театарот и особено современиот уметнички филм.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.