четврток, 24 ноември 2016  |  Вести денес: 40

Почна 48. традиционална манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“

kiril

Последни вести

Со отворање на изложбата „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“ и концертот на гитаристот Дарко Багески вечерва во Рим почна 48. традиционална манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“.

Изложбата која е поставена во Понтификалниот универзитет „Урбанијана“, ја отворија претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, а се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Изложбата е во организација на Заводот и музеј од Охрид, а е посветена на ликот и делото на свети Климент Охридски. Содржи 38 дела, односно вредни икони поврзани со ликот и делото на свети Климент, копии од фрески од повеќе цркви и манастири во Македонија, како и фотографии од објекти во кои се изложени моштите на охридскиот заштитник. За изложбата е изработен и двојазичен каталог со пригоден текст за св. Климент Охридски и неговото значење за македонскиот народ, како и за неговите ликовни претстави во Македонија и на балканските простории.

Со изложбата се одбележуваат 1100 години од упокојувањето на светителот Климент.

Манифестацијата посветена на светите браќа сесловенските и рамноапостолни  просветители Кирил и Методиј според претседателот на Собранието на Република Македонија е повод за кој сите сме собрани во Рим и се спојуваат патиштата. Празнувањето на оваа манифестација, смета Вељановски е особено значајно поради единственото историско културолошко и епохално значење на светите Кирил и Методиј произлезено од нивната просветителска мисија.

– Значењето на Свети Климент Охридски кој го продолжи делото на светитите Кирил и Методиј е огромно. Неговиот живот е исполнет со значајни дела за кои денес сме благодарни. Тој учествувал во значајната моравска мисија од каде подоцна пристигнува во Рим за да сведочи благословот и потврдата на делото на неговите учители. Својата најзначајна работа ја започнува со доаѓањето во Охрид. Свети Климент подигнал цркви и манастири и ја основал охридската книжевна школа претворајќи го Охрид во центар на македонската и сесловенска писменост, рече Вељаноски.

Меѓудругото, потенцира тој, за Свети Климент се вели и дека е еден од првите и најистакнати писатели на старата словенска литература, и дека е еден од првите и најистакнати писатели на старата словенска литература.

– Тој во своите пишани зборови и толкување на евангелијата високо ја вреднува милостината советувајќи „гладен да нахраниш, жеден да напоиш, патник да прибереш и гол да облечеш, чест на презвитери да правиш…“. Неговите зборови и денес можат да се применат во секојдневието на нашето современо живеење како начин да се достигне благост, рече Вељаноски отворајќи ја изложбата „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска рече дека изложбата е несомнено еден придонес во непроценливото наследство што го оставија светите браќа Кирил  и Методиј и нивните следбеници свети Климент и свети Наум, наследство, како што рече, кое и денеска се огледува во живиот и динамичен јазик и култура кои опстојуваат од Западна Европа до крајниот Исток на евроазиското тло.

– Историјата потврдува дека Македонија уште во далечниот деветти век и даде извонреден пример на Европа докажувајќи дека старата медитеранска култура и цивилизација може своето акумулирано знаење да го пренесе низ големите отворени пространства на континентот, истакна Канческа Милевска.

Изложбата содржи книжевно богаство од над 350 илјади книги напишани на повеќе од 530 светски јазици.

Пред присутните се обрати и амбасадорот на Републка Македонија во Ватикан, Звонимир Јанкуловски, кој оцени дека изложбата е повеќе од уметност и на посетителите нуди духовно доживување.

Присутните ги поздрави и ректорот на Универзитетот каде што е поставена изложбата  Алберто Тревизиол.

Во текот на изминатите години, во рамки на традиционалното чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим, со поддршка од Министерството за култура беа претставени вредни изложби, меѓу кои: „Македонски бронзи“, „Антички теракотни фигурини од Македонија“, архивската изложба „Македонија низ вековите“, „Словенски ракописи од Македонија од 13 до 19 век“ кои беа презентирани во престижните Ватикански музеи, изложбата на „Македонска резба“ која беше поставена во монументалниот простор на комплексот Виторијано во Рим. Со годинашната изложба на Заводот и музеј од Охрид насловена „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“, Република Македонија го продолжува континуитетот во претставувањето на високите вредности на македонското културно наследство и творештво пред европската и светската јавност.

Во рамки на манифестацијата, утре македонската црковно-државна делегација ќе присуствува на Молебен на гробот на свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим со која ќе чиноначалствува митрополитот Тимотеј.

Традиционалниот прием на македонската делегација кај папата во рамки на оваа манифестација годинава се одржа на 16 мај поради обврски на папата Франциско.

Овој празник традиционално се одбележува со посета на државна делегција од Македонија од 1960 година. Денот во Македонија првпат е одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Света Богородица, а црквата во 11 век го прогласила 24 мај, односно 11 мај по стар стил за ден на светите Кирил и Методиј. Датумот е избран бидејќи го означува почетокот на Моравската мисија.

Најчитани вести