Почна 6-тиот САМИТ100 за бизнис лидери од ЈИЕ

Во присуство на повеќе од 100 еминентни бизнис лидери од Македонија и регионот и специјални гости од меѓународни финансиски институции, денес Живко Мукаетов, Генерален директор на „Алкалоид“, кој воедно е и Претседател на Управниот одбор на САМИТ100, го отвори најголемиот бизнис собир на овие простори – 6-тиот годишен САМИТ100 за Бизнис лидери од Југоисточна Европа.

Темата на овогодинешното издание на САМИТ100 е „Поврзување“, и тоа во неколку клучни области, како инфраструктура, транспорт, енергетика, дигитализација, брендирање на регионот, овозможување слободно движење на стоките и услугите, но и поголем степен на мобилност на работната сила.

„Фокусот на Самит100 во Скопје, како и секоја година, ќе остане на регионалната соработка. За полесен пристап до нови пазари, на компаниите им е потребно здружување, а Самит100 е одлична иницијатива за постигнување на овие цели. Истовремено, Самит100 е силна платформа за структурирање на развојни програми кои би го приближиле регионот чекор понапред во исполнувањето на мисијата за градење на моќна бизнис заедница која би била генератор на поголем економски раст. Ние во Самит100 сме уверени дека само преку интензивирање на регионалната соработка и градење синергии меѓу компаниите, би ја подигнале конкурентноста на економиите, на нашите фирми би им овозможиле полесен пристап до нови пазари, а за странските инвеститори, како унифициран пазар би биле далеку попримамливи.“, рече Мукаетов на отворањето на САМИТ100.

На отворањето како специјален гостин се обрати и Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов кој говореше за македонското гледиште на регионалната перспектива.

САМИТ100 понатаму продолжи со најавеното специјално обраќање на Виолета Булц, Еврокомесар за транспорт, по што следеше дискусија модерирана од Изток Селјак, координатор на „Едисон“ и потпретседател на Управен Одбор на САМИТ100.

Еврокомесарката ја потенцираше долгорочната традиција која таа ја има со САМИТ100, почнувајќи уште од првиот ден на оваа бизнис иницијатива и истакна дека од година в година е сè поубедена дека САМИТ100 станува исклучително важна платформа за регионална интеграција.

Таа ги повика земјите во регионот да го искористат позитивниот момент и што побрзо да ги направат неопходните реформи и да се приближат до полноправно членство во Европската унија.