Македонија

Почна академската година на Филмска академија Охрид

Почна академската година на Филмска академија Охрид

Новоформираниот Институт за филм – Филмска академија Охрид официјално ја започна академската година. Тринаесет домашни и странски, целосно стипендирани студенти од страна на Владата на РМ, од вчера ја следат наставата на постдипломските студии на катедрите за сценаристика и драматургија и за креативна продукција.

Институтот е резултат на повеќегодишна соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Владата на Чешката Република и ФАМУ – престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага.

Студиските програми се тригодишни и се изведуваат на англиски јазик. Прилагодени се специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, петтата најстара филмска школа во светот, која ја завршиле влијателни режисери и сценаристи, добитници на Оскар и лауреати на меѓународни филмски фестивали, како македонскиот професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел.

Наставниот кадар на Институтот за филм – Филмска академија Охрид покрај редовните, го сочинуваат и визитинг-професори од ФАМУ во Прага, што претставува исклучителна можност за постипломците, да учат директно од меѓу најдобрите професори во оваа област.

Институтот за филм (www.filmacademyohrid.com) е јавна научна установа, која функционира како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.