Почна асфалтирањето на улициtе во поплавените подрачја

Екипите на Градот Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ денеска почнаа да ја асфалтираат улицата по должината на каналот во Синѓелиќ, како дел од големата акција за асфалтирање на поголем број улици и краци во Синѓелиќ и во другите поплавени подрачја.

Денеска присуствуваме на почетокот на градежните активности за асфалтирање на оваа улица што се наоѓа по должината на каналот во Синѓелиќ, со должина од 450 метри и ширина од 4 метри. Вкупно ќе биде асфалтирана површина од 1.800 квадратни метри. Задоволни сме како се одвиваат градежните работи, и досега сите улици се 100 проценти исчистени и проодни во сите населени места погодени од поплавите, а повеќето од нив се и тампонирани. За краток период се исчистени и дворовите на куќите, истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Оваа улица е прва од низата улици што ќе ги асфалтира и обнови ЈП „Улици и патишта“, а коишто беа оштетени во поплавата на 6 август.

Финансиските средства за асфалтирање на овие улици ги обезбеди Град Скопје, со Одлуката што ја донесе Советот на Град Скопје, а со која за помош на поплавените подрачја се одвоени 2, 5 милион евра или околу 150 милиони денари. Дополнителна помош имаме и од Владата на Република Македонија.  Во оваа пригода сакам да упатам голема благодарност до сите  фирми кои беа ангажирани и помогнаа за санација на штетите предизвикани од поплавите, и до сите координатори кои несебично помогнаа и имаа важна улога во организацијата на теренските работи– изјави градоначалникот Трајановски.

На почетокот на асфалтирањето на оваа улица беа присутни и вицепремиерот во Владата на РМ, Владимир Пешевски, министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.