Почна електронското аплицирање за земјоделски субвенции

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој соопшти дека во тек е пријавувањето за добивање субвенции во земјоделството. Рокот за аплицирање е до 30 јуни, а новина е тоа што барањата ќе се поднесуваат по електронски пат.

Барањата може да се поднесат со пристапување во системот преку веб-страната на агенцијата www.ipardpa.gov.mk , а за полесно користење изработени се и упатства на македонски и на албански јазик.

Покрај ова, подетални информации може да се добијат и од вработените во агенцијата за што се отворени три телефонски линии.

Со ова се намалува метежот во подрачните единици на министерството за земјоделството, шумарството и водостопанство што беше случај во изминатите години каде се поднесуваа барањата.

Земјоделците кои сакаат да аплицираат за субвенции може да побараат помош и од вработените во подрачните единици на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.