Почна гласањето на француските прекуморски територии

Гласањето за вториот круг од француските парламентарни избори започна во саботата на француските прекуморски територии во Гвајана, Гвадалупе, Мартиник и другите француски територии во Америките.

Се очекува дека мнозинството гласови на изборите, коишто во Франција ќе се одржат во недела, ќе му припаднат на Емануел Макрон кој победи на мајските претседателски избори, и неговата центристичка партија Републиката напред (во движење) REM.

Според анкетите REM може да освои најмалку 400 од 577 места во Националното собрание, откако во првиот круг минатата недела освои 32,3 отсто од гласовите. Тоа мнозинство би му овозможило на Макрон да го потврди составот на владата којашто ја предводи премиерот Едуар Филип.

Исто така, Макрон би добил можноста да ја спроведе својата програма на либерални реформи на којашто остро се спротиставуваат сите партии од левицата, како и крајната десница Национален фронт (FN), којашто во првиот круг освои 13,2 отсто гласови и се надева на зголемување на својот досегашен број мандати – само два.

Бидејќи првиот круг го одбележа досега незабележан мал одѕив на гласачите од 51,3 отсто, ривалските партии се обидуваат да ги мотивираат своите избирачи да излезат на гласањето, предупредувајќи ги на опасноста претседателот да освои „супер мнозинство“. Шефот на републиканската кампања, Фрасоа Бароан, и порача на приврзаниците дека „треба да сфатат дека во парламентот мора да имаат некои претставници“.

Се очекува дека републиканскиот десен центар, кој во првиот круг освои 21,56 отсто од гласовите, ќе биде главната опозициска сила, со меѓу 80 и 130 мандати, според анкетите.

Социјалистичката партија на поранешниот претседател Франсоа Оланд доживеа фијаско во првиот круг и со коалициските партнери освои 9,51 отсто, додека зелените освоија 4,30 отсто од гласовите. До неодамна владејачките социјалисти на изборите во 2012 година освоија 280 мандати.

Радикалната левица, Непокорна Франција (LFI), предводена од претседателскиот кандидат Жан-Лук Меланшон и Комунистичката партија заедно освоија 13,74 отсто од гласовите.