Почна подготовката на Програмата за економски реформи 2017-2019

Денеска во Министерството за финансии се одржа состанок по повод почеток на подготовката на Програмата за економски реформи 2017 – 2019, стратешки документ поврзан со подготовката за членство на Македонија во Европската Унија. Оваа стратешка програма ги содржи клучните реформи во индустријата, внатрешниот пазар, образованието, транспортот, енергијата и животната средина, со кои ќе се подобри конкурентноста на македонската економија.

Во програмата ќе бидат опфатени и мерки кои се однесуваат на намалување на невработеноста, како мерки за усогласување на стручната подготовка со побарувачката на пазарот на труд.

– Програмата е заеднички резултат на повеќе институции, а целокупната подготовка се координира од страна на Министерството за финансии. Самата подготовка на оваа програма како кохерентен стратешки документ претставува потврда за капацитетот на администрацијата од аспект на координација и ефикасност на работа. Имајќи во предвид дека изработката на двете претходни изданија на Програмата беше оценета со добри оцени од страна на вропската комисија. Министерството за финансии има намера да го задржи, но и подобри квалитетот на овогодинешниот документ – истакна министерот за финансии Кирил Миноски.

–  Оваа програма е алатка за дијалог со Европската Комисија. Таа не е само барање на Европската Унија туку и план за напредок на економијата, за побрза интеграција кон ЕУ – истакна Јарослав Левичек, шеф на секторот за економски прашања и азил при Делегацијата на ЕУ во Македонија.