Почна постапката за избор на универзален снабдувач со електрична енергија

Владата на денешната 83-та седница донесе одлука за започнување на постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Канцеларијата на Претседателот на Владата, Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Министерството за економија се задолжени да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач.

Исто така, Владата им укажа на Регулаторната комисија за енергетика и на МАНУ, да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката во рок од 3 дена од денот на донесување на одлуката.

Согласно денешната одлука, Комисијата е должна во рок од 14 дена, до Владата на Република Македонија на усвојување да го достави јавниот повик и тендерската документација. Заради остварувањето на правото на сите домаќинства и мали потрошувачи да се снабдуваат со електрична енергија со утврден квалитет по разумни, јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторни цени, Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај. Целта на оваа постапка е остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, односно да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување, велат од Владата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.