Почна пролетното садење дрвја во паркот во Гази Баба

Во паркот во Гази Баба од денеска почна акцијата „Пролетно садење“ што го организира Град Скопје. Планирано е во Скопје да се засадат 5.000 дрвца, а денеска беа засадени 60 листопадни садници во паркот на природата „Гази Баба“.

– Денеска во паркот на природата Гази Баба ја продолжуваме акцијата за садење  5.000 садници во Скопје, како дел од акцијата на Градот што започна изминатата есен за засадување 250.000 дрвја на територијата на град Скопје. Во рамките на пролетната акција заедно со општините  ќе засадиме  5.000 квалитетни садници по дрвореди и во средишното зеленило  на булеварите, на јавните зелени површини, парковите, како и во Спортскиот центар во Сарај, рече при засадувањето дрвца градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Акцијата се реализира според планот  за садење  на ЈП „Паркови и зеленило“. На оваа локација во паркот на природата „Гази Баба“  се засадени 650 дрвја.

– Оваа ледина, појасни градоначалникот, беше гола и минатата година и годинава на неа се засадени околу 1.000 садници. Дрвјата што беа лани засадени во текот на летото  ги наводнувавме и околу 25 отсто од нив се разеленети. Истото ќе го правиме и ова лето за да можат садниците да опстојат на високите температури.

Тој најави дека акцијата се планира да се продолжи и наесен и да се придонесе за почист воздух, почиста животна средина и за зачувување на здравјето на граѓаните.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски апелираше до граѓаните кои доаѓаат да се рекреираат и да уживаат во нејзината убавина посовесно да се однесуваат при нивниот престој, бидејќи, како што рече, таа е второто белодробно крило на Скопје.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ информира дека листопадните садници се набавени од ЈП „Паркови зеленило“ со финансиски средства издвоени од Буџетот на Град Скопје.

Во денешното садење во парк-шумата Гази Баба учествуваа учениците од средните училишта „Панче Арсовски“, „Цветан Димов“, „Арсени Јовков“, „Боро Петрушевски“ и „ 8 Септември“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.