Почна самитот за климатските промени во Париз

Во Париз почна самитот за климатски промени на којшто е предвидено светските лидери да разговараат за финансирање и инвестирање во проекти за борба против глобалното затоплување.

Самитот насловен „Една планета“ беше отворен од страна на премиерот на Фиџи, Френк Баинимарама, кој изјави дека треба да се поедностави технологијата за надгледување и за следење на климатските промени, додека, пак, шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дриан, рече дека целта на самитот е договор за дополнителни напори во однос на намалување на емисиите на штетни гасови.

Собирот се одржува на иницијатива на францускиот претседател, Емануел Макрон, по американското повлекување од меѓународниот договор против глобалното затоплување, кој беше усвоен пред две години, исто така во Париз.

На средбата, меѓу другите, присуствуваат и претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието, мароканскиот крал Мохамед Шести, како и претседателите на африканските земји и острови кои се загрозени од климатските промени. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така, присуствуваат на самитот.

САД ќе бидат претставувани од дипломат од амбасадата во Париз, откако Трамп не доби покана за присуство. Францускиот претседател, Макрон, пред самитот го критикуваше својот американски колега бидејќи тој го отфрли Парискиот договор за климатски промени.

„Кога ќе се потпише договор, тоа треба да се почитува. Исклучително агресивен потег е да се напушти таква спогодба“, рече Макрон.

На прашањето дали повторно ќе дискутира на оваа тема со Трамп, со оглед дека американскиот претседател вели дека е одново подготвен за соработка, Макрон одговори: „Не сум подготвен повторно да преговарам, но сум подготвен да ја поздравам неговата одлука доколку реши да се врати“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.