Почна селекцијата на пациенти за кубанската вакцина за рак на бели дробови

Во тек е селекцијата на пациентите, а оние кои ќе ги исполнат условите ќе ја добијат кубанската вакцина против рак на белите дробови, на Клиниката за онкологија. Во селекцијата се вклучени и претставници од Куба кои ја донираа таа вакцина.

Ова денеска го истакна директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, Марија Дарковска-Серафимовска, која рече дека постојат точно одредени протоколи по кои мораат да се приддржуваат, односно протоколи кои даваат насоки за тоа кој пациент има оправданост за примена на оваа вакцина, а кај кои нема.

Оние кои имаат оправданост за примена на вакцината, се пациенти кои се новодијагностицирани во трети или четврти стадиум на болеста, таму каде немате алтернативна друга терапија која треба да ја понудите и кои претходно не примале хемотерапија. Тоа се условите кои треба да бидат исполнети за еден пациент да може да ја добие оваа кубанска вакцина, посочи Дарковска-Серафимовска.

Појасни дека до крајот на годинава очекува да стигнат количините, што, како што рече, не значи дека веднаш ќе бидат аплицирани кај пациентите затоа што вакцината подлежи на контрола пред да се аплицира кај пациентите.

Значи самиот процес на анализа и контрола на квалитетот на вакцината ќе трае една недела, можеби и десетина дена, и дури потоа, кога ќе се увериме во нејзиниот квалитет, сигурноста и безбедноста, ќе биде аплицирана кај пациенти кои доброволно ќе потпишат согласност за тоа, затоа што вакцината се уште е во трета фаза на клинички инспитувања, значи не е регистрирана во Европа и ние мораме да имаме согласност од пациентите кои ќе ја примат, додаде Дарковска-Серафимовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.