Почна селекцијата за прием на 600 полицајци во МВР

Проверка на физичката подготвеност е првата активност што Министерството за внатрешни работи (МВР) ја спроведува по објавувањето на огласот за вработување на 600 нови полицајци. Пријавени се вкупно 3.972 кандидати. Финалните листи на оние што ќе бидат примени се очекува да бидат познати на почетокот на месец октомври.

Од пријавените 3.063 се Македонци од кои 768 жени, 617 Албанци од кои 23 жени, 120 Турци од кои 9 жени, 36 Роми, 49 припадници на бошњачката заедница и исто толку Срби, 22 Власи, 11 Македонци муслимани и еден Хрват. Проверките на кандидатите ќе се вршат во касарните Ѓорче Петров и Илинден и во Тренинг центар за обука Идризово.

– Денеска сме во касарната Ѓорче Петров каде што веќе се почнати проверките на физичката подготвеност на една од групите на кандидати коишто имаат аплицирано за работно место полицаец во МВР. Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува комисија која е формирана од страна на министерот за внатрешни работи. Постапката се спроведува во повеќе фази. Ова денеска што го гледате е првата фаза, а следуваат и останатите фази во текот на денешниот ден, изјави помошник министерот на Одделот за односи со јавност и стратешки прашања Јордан Ламановски.

Првата фаза ја опфаќа проверката на мотористичките способности. Критериумите коишто треба да ги исполнат кандидатите за полицаец биле дефинирани во соработка со Факултетот за физичка култура од Скопје.

Физичките проверки и за жените и за мажите се состојат од склекови, стомачни склекови, скок од место, спринт на 100 метри и трчање на 1.200 метри.

Потоа следува втората фаза, а тоа е проверка на интелектуалните и емоционалните способности на секој кандидат. Третата фаза опфаќа тестирање на  кандидатите, како и писмено тестирање коешто се состои од општобразовен тест.

– За сите кандидати коишто ќе ги поминат овие фази на сeлекција ќе се спроведе интервју, рече Ламановски.

Потенцира дека на сите кандидати им се овозможуваат подеднакви услови да ги демонстрираат своите способности  независно од полот и потеклото.

Оние шестотини кои ќе успеат да влезат на финалната листа ќе одат на едногодишна обука за полицаец, која опфаќа девет месеци теорија и три месеци кондициона обука.

Огласот за прием на 600 ново вработени во МВР беше објавен на 15 јули, а заврши на 30 јули.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.