сабота, 27 мај 2017  |  Вести денес: 22

Почнаа 55. Струшки вечери на поезијата

Фестивалот почна со традиционалното читање на Константиновата Т’га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, а по официјалното отворање продолжува со Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

struski veceri

Последни вести

Струшките вечери на поезијата се голем триумф на македонската култура и традиција. На еден благороден начин го збогатуваат европскиот и светскиот културен простор,  ги афирмирааат поетските вредности на сите светски јазици и го глорифицираат универзалниот сон на човештвото кој вели дека поезијата ќе го спаси Светот, истакна вечерва министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на 55. јубилејно фестивалско издание.

Фестивалот почна со традиционалното читање на Константиновата Т’га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, а по официјалното отворање продолжува со Меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

Педесет и петото издание на фестивалот, според министерката Канческа-Милевска, на најдобар начин го потврдуваат искрениот придонес на нашата држава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето нова димензија на пријателството меѓу народите во светот.

– Веќе 55 години, поетската Струга е дом на најголемите бардови на светската поезија, кои низ своите автентични поетики, изградија мостови меѓу поезисот на цивилизациите, мостови меѓу сегашноста и иднината. Со својот поетско уметнички чин,  поетите од сите светски меридијани, искрено и трајно се вградија во реномето на оваа меѓународна манифестација која стана исклучителен книжевен симбол за секој од нив, истакна Канческа-Милевска.

Престижниот „Златен венец“ на поезијата, додаде, беше, и денеска е императив за секој поет бидејќи го потврдува неговото место меѓу најголемите светски поетски пера.

– Токму затоа ми претставува посебно задоволство што на најголемите поетски имиња од 20 и  21 век, оваа година им се приклучува и планетарно познатата канадска  поетеса, литературна критичарка, есеистка и активистка за заштита на животната средина, Маргарет Атвуд.  Делата на оваа авторка, нејзината страствена и сугестивна поезија е автентична и исклучително богата и во оваа смисла, слободно можеме да забележиме дека Атвуд е исклучителна појава во светската поетска историја, поетски глас на една генерација на автори кои длабоко ја допреа личната и емоционалната историја на луѓето, рече Канческа-Милевска.

Изрази уверување дека Министерството за култура, со поддршка на Владата ќе продолжи да ги промовира универзалните цивилизациски и културни вредности.

– Ќе останеме доследни на заложбите заеднички да ги прославуваме дострелите на овој фестивал со космополитски и универзален концепт, на оваа манифестација која е жива и динамична антологија на македонската и светската поезија, подвлече Канческа-Милевска.

Изминатите 55 години Струшките вечери на поезијата, според директорот на манифестацијата Мите Стефоски, го славеа создавањето на повеќе од стотина јазици, на повеќе од петте илјади поети кои настапија овде во Струга.

– Оваа година 32 исклучителни поетски творци од 30 земји, и околу дваесетина од Македонија ќе имаат можност да го презентираат своето творештво на Фестивалот. Уверени сме дека она што ќе го понуди овогодишната програма ќе биде атрактивно и провокативно за фестивалската публика. Од друга страна, низ преводот на нивното творештво објавено во нашата издавачка продукција, во македонската книжевност ќе останат трајни траги од ова издание на Фестивалот, истакна Стефоски.

Подвлече дека ќе останат посветени на трајната определба дека Фестивалот треба постојано да се менува и развива, да се прилагодува и да се сообразува со се што го чини или ќе го чини современото живеење, еднакво како што се менува животот, медиумите, начинот на кој комуницираме.

Годинашниот лауреат Атвуд која не присуствуваше на официјалното отворање преку видео порака се заблагодари за наградата. Изрази жалење што неможе да присуствува, но рече дека духовно е со нас. Добитничката на златниот венец се заблагодари што нејзината поезија е преведена на македонски јазик.

Во изминатите 55 години на СВП учествувале над 5.000 поети од сите континенти. Струга по 55-ти пат ќе биде престолнина на поезијата, а фестивалот ќе се одржува пред Домот на поезијата и на отворени сцени во Струга. Истовремено поетски читања, „Поезија на пат“ ќе има и во Охрид, Ресен, Битола и Скопје.

Престижната награда „Златен венец“ на Марагрет Атвуд ќе и биде врачена в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“. На 55 Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 32 поети од 30 земји и дваесеттина од Македонија. Присутни ќе бидат имиња во современиот поетски свет од Италија, Австралија, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Белгија, Израел, Унгарија, Кина, Калифорнија, Мексико, Шпанија, Франција, Ирска, Индија,..

Најчитани вести