Спорт

Почнува 23. зимска Олимпијада во Пјонгчанг

Почнува 23. зимска Олимпијада во Пјонгчанг

Пјонгчанг во наредните 16 дена ќе биде центар на светскиот спорт. Јужна Кореја по вторпат во историјата ќе биде домаќин на Олимпијада, за првпат на зимска по летната што ја организира во Сеул во 1988 година, што по многу нешта се разликува од претходните. Ќе биде најмасовна досега со 2,952 олимпијци од 92 земји кои ќе учествуваат во 102 натпреварувања во седум спорта, односно, 15 дисциплини.

Свеченото отворање е во 20 часот по локално време, т.е. 12 часот по македонско со пренос на МРТ 1. На церемонијата заеднички ќе продефилираат спортистите од Јужна и од Северна Кореја кои ќе имаат и заедничка репрезентација на женскиот турнир во хокеј на мраз. Она што 23. ЗОИ ги прави поинакви од другите е суспензијата на Русија од Интернационалниот олимписки комитет која, сепак, ќе има 169 свои претставници како „независни спортисти“. Судбината на олимпискиот стадион во Пјонгчанг, град што се наоѓа на само 80 километри од најблиндираната граница на планетата, пак, ги прави Игрите единствени досега.

Од нашата земја, тројца олимпијци ќе бидат дел од 23 – те Зимски олимписки игри. Тоа се Антонио Ристевски во алпско скијање слалом и велеслалом, Ставре Јада во крос – кантри, спринт и 15 километри и Викторија Тодоровска во крос – кантри дисциплина на 10 километри. Ставре Јада ќе го носи знамето на свеченото отворање на игрите денес.

Јужна Кореја стационира 600.000 војници во градот со околу 44.000 жители чија цел ќе биде безбедност на Игрите.