Почнува џез-викендот во рамки на „Охридско лето“

Фестивалската сцена Долни Сарај од вечерва и наредните три дена ќе пулсира во знакот на џез музиката, како дел од новината воведена од ова фестивалско издание за внесување музичко-уметнички содржини замислени да ги комплетираат уметничките доживувања на се поразличната публика на „Охридско лето“.

Трите џез вечери овој викенд предвидуваат по два концерта дневно, со настсапи на светски познати групи и џез соло уметници,и тоа со почеток од 21 и од 22:30 часот.

Првиот ден од викендот резервиран за концертите на холандско-британското „Доминик Маршал трио“, додека вториот концерт е на данската група „МОМБ“ што ќе настапува заедно со уметници на битолскиот џез-бенд „Памперс оф д фал“.

Доминик Џон Маршал е англиски пијанист, академец на Колеџот за пијано во Лидс каде при дипломирањето ја добива престижната награда за најдобар пијанист. Добитник е на наградата на фондацијата на Грофицата од Мунстер, која му овозможува да студира џез-пијано на Конзерваториумот во Амстердам под менторство на Курт Розенвинкел, Бред Белдау и Амброс Акинмусајр. Првиот албум на триото „Д уаннес“ (“The Oneness“) е снимен токму во тој период, а е оценет како „неверојатно деби“ од страна на списанието „Лондон џез њус“.

Откако дипломира со највисоки оценки, Маршал се враќа во студиото и го снима албумот „Икарос“ во 2012 година. Следната година, Доминик ја добива наградата за „Надежен млад уметник“ и го снима својот прв професионален албум „Спирит спич“ (“Spirit speech“) по кој од страна на жирито составено од Џејми Калум, Гилс Питерсон и Џез Нелсон едногласно е избран да настапи на сегментот „Би-би-си претставува“ во рамките на џез-фестивалот во Манчестер. Веќе следната 2014 година Доминик настапува на холандскиот натпревар за џез-музичари каде ја освојува наградата за најдобар солист, а неговиот албум е номиниран за Интернационалната џез-награда „Едисон“.

Неговото трио настапува во Лондон, Брајтон и на фестивалот „Вортекс“, а самиот Доминик се придружува на британскиот „Синематик оркестар“ со кој настапува во повеќе земји. Во 2016 година Доминик го издава третиот албум „Д триолитик“ (The Triolithic), кој добива одлични критики од џез-јавноста. Заедно со Маршал вечерва на Дoлни Сарај ќе настапат уште и Сем Викари и Џејми Пит.

Вториот концертски термин за вечерва е резервиран за уметниците од данскиот „МОМБ“ бенд и за нивните џез колеги од „Памперс Оф Д Фул“ групата од Битола.

Членовите на данскиот бенд „МОМБ“ настапувале на турнеи со повеќе значајни музички имиња како Робен Форд, Мајкл Раф, Делмар Браун, Кид Креол (сите од САД), како и со италијанскиот пејач Цукеро и со Феј Тозер од Велика Британија. Питер Валевик кој е продуцент на вториот албум на „МОМБ“ пишувал песни за Кајли Миног и „Уан дирекшн“.

Македонскиот бенд „Памперс од д фал“ (Pumperzz Of The Fall) неодамна потпиша договор со „Алијанс рекордс“ од Њујорк и моментално се во процес на снимање на нивниот трет албум. Досега соработувале со музичари од Данска, Шпанија и САД, а нивната музика е позната во Македонија и надвор од неа. Во 2018 година бендот планира турнеја низ Велика Британија и Скандинавија.

Во некои од нивните настапи се здружуваат со „МОМБ“, главно, поради компактноста на изразот и сличноста на гласовите на пејачките (Кааре во „МОМБ“ и Ирена од „Памперз од д фол“). Иако доаѓаат од сосема различни краеви на светот, во нивните заеднички изведби звучат како да пеат заедно цел живот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.