Почнува седмиот „МакеДокс“

Вкупно 63 филмски остварувања ќе се прикажат на седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој од денеска до 26 август ќе се одржува под отворено небо во Куршумли-ан, Чифте амам и во Музејот на современата уметност во Скопје. Мотото на фестивалот е „Сите сме приказна“.

– Седмото издание на фестивалот е посветено на раскажувачите. Фестивалот ќе го отвориме со една топла и тажна приказна базирана на музика со песните на словенечкиот актер, режисер, поет и писател Фране Милчински – Јежек, раскажана со документарниот филм „Мојот превртен свет“, како македонско-словенечко-хрватска копродукција. Селекцијата на филмовите во петте фестивалски програми се движи по линијата на добро раскажана приказна и силни човечки личности, што произлезе од мотото „Сите сме приказна“, изјави селекторката Петра Селишкар.

Годинава новитети се новата натпреварувачка програма на студентски документарни филмови и програма на земја во фокус, која оваа година е посветена на Русија. Од организациски аспект новитет се и местата на кои ќе се одвива фестивалот. Покрај главниот фестивалски центар, кој и годинава е во Куршумли-ан, проекции ќе се одржуваат и на платото пред анот, од 20:30, 22:30 и полноќни проекции од студентската програма.

Има и две нови локации и за работилницата „Раскажувачите раскажуваат“, која ќе се одржува во Чифте амам и за работилницата „Уметноста на раскажувањето“, која ќе се одржува во Музејот на современата уметност.

Креативните документарци што ќе бидат прикажани на седмиот „МакеДокс“ се распоредени во пет програми-Главна програма, Нови автори, Руски снег, Кратки документарци и Студентски приказни.

На фестивалот ќе бидат присутни филмски остварувања и автори кои се во врвот на современата документаристика, како Патрицио Гузман со неговото „Бисерно копче“, Андреас Џонсен со „Бубачки“ како нов начин на исхрана, Клаудија Тоси со „Совршениот круг“.

На затворањето на фестивалот ќе се прикажува „Пожар на море“ од Џанфранко Роси, добитник на „Златна мечка“ во Берлин. Во селекцијата на кратки документарци ќе го има „Балада за жабите“ на Леонор Телес, исто така со „Златна мечка“ во Берлин. Од Русија доаѓа најзначајниот современ руски автор Виталиј Мански со „Под сонцето“, со приказна снимена во Северна Кореја.

Руските современи автори на документарни филмови ќе бидат застапени во програмата „Руски снег“. Селекцијата на филмови од земјата во фокус-Русија е со наслов „Руски снег“. Во неа ќе бидат прикажани седум документарни филмови од најновата руска документарна продукција, кои ќе раскажуваат приказни за најпознатата академија за руски балерини, за сибирските селца, како и за авангардните градски фаци кои си го наоѓаат својот мир во шумите на рускиот север.

Новитет во програмска смисла е воведувањето натпреварувачка селекција на студентски филмови.Студентска програма на 7 МакеДокс

Годинава има 23 студентски документарни филмови, кои доаѓаат од европските филмски академии, но нивните автори и приказните што ги носат доаѓаат од сите страни на светот. Покрај филмовите во конкуренција за награда, во оваа програма ќе се прикажат и шест филмови што се направени во регионалната школа „АКТив“.

На „МакеДокс“ доаѓаат 26 автори на филмовите, а програмата ќе биде отворена со премиера на македонскиот документарен филм „СТУДаНТС“ на Тамара Котевска. Премиерно ќе бидат прикажани и „Злобната камера“ на Ана Алексовска и „Армандо Дијаз“ на Сандра Јовановска. Жирито за награди во студентската програма е во состав Наташа Петровиќ, Воскресија Андреевска и Иван Шопов.

На фестивалот „МакеДокс“ се доделуваат наградите „Кромид“ – за најдобар филм во главната програма, „Млад кромид“ – за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ – за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи од сите програмски селекции.

Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Медиа програмата на Креативна Европа, Националната фондација за демократија и Град Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.