Почнува судскиот процес против трикратниот убиец од Кавадарци

Почнува судскиот процес против трикратниот убиец од Кавадарци

Во Основниот суд во Велес се очекува денес да започне судскиот процес против Тони Станоев од Кавадарци, обвинет за тројното убиство што го изврши во домот на родителите на неговата сопруга во Кавадарци.

Судењето ќе започне во 10 часот. На првото рочиште се очекува да биде сослушан обвинетиот, кој треба да биде стражарно спроведен од затворот во Шутка, како и дел од предложените сведоци.

Тројното убиство беше извршено лани во ноември, кога Станоев дошол во домот на родителите на неговата сопруга од која се разведувал, со намера да поразговара со неа. Но во моментот таа била отсутна, па меѓу него и нејзините родители започнала жестока расправија, при што тој извадил пиштол и почнал да пука. Со по еден истрел ги убил 61-годишниот Илија Л., пет години помладата Билјана Л. и нивната 33-годишна ќерка Снежана Л., сите од Кавадарци.

По грозоморното убиство, Станоев неколку дена беше во бегство,а  случајот во полиција го пријави неговата сопруга, со која бил пред развод.

Два дена по бегството, трикратниот убиец беше уапсен на гробиштата во Кавадарци, заедно со пиштолот со кој ги извршил убиствата, а кој го поседувал со дозвола.

Инаку, Тони, десет години бил во брак со сопругата, со која имаат две ќерки на седум и деветгодишна возраст.

За овој настан, кој ја шокира јавноста, кривични пријави, покрај обвинетиот Станоев, заработија и вработени во Центарот за социјални работи, но и полицајци, бидејќи не постапиле по пријавата на сопругата на обвинетиот дека тој се заканувал и не му го одзеле пиштолот.