Почнува „ВИНО СКОП 2016“

На денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и организаторот на фестивалот „Темов“ го најавија  јубилејниот, десетти по ред  фестивал на виното  „ВИНО СКОП  2016“,  кој ќе се одржува  од денеска  до 2 октомври на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред Македонска опера и балет.

– Од денеска  до 2-ри октомври 2016 година,  на овој прекрасен плоштад „Мајка Тереза“,  ќе се одржи најпознатиот македонски вински фестивал- Вино Скоп 2016. Пет фестивалски денови, посетителите ќе може да дегустираат вино од десет најдобри македонски винарници, како и вински коктели- сангрија и вино мохито. Покрај виното, ќе има македонски деликатеси: сирења, кашкавали, сувомеснати производи. Освен во  големата понуда на вина и на деликатеси, посетителите ќе имаат можност да уживаат и во богата музичка програма исполнета со настапи на познати ѕвезди од домашната и од странската естрада. За реализација на овој фестивал на виното Градот Скопје од Буџетот издвои 700. 000 денари, а  трaдиционално го организира „Темов“. Се надеваме дека оваа година на новава локација ќе има уште повеќе посетители од лани и ги повикувам граѓаните да дојдат и да бидат дел од најомилената есенска приказна – Вино Скоп 2016 – истакна  на конференцијата за медиумите градоначалникот Трајановски. 

vino-skop-2016

Вино Скоп 2016 е јубилејно издание  на еден од најпосетените и најубавите фестивали и ќе се одржи  на плоштадот „Мајка Тереза“ каде што има голем простор со капацитет за повеќе посетители, како и повеќе паркинзи  во близина  на плоштадот, изјави Фимка Шопова од организација „Темов“.

Дарко Масларковски, од организацијата „Темов“, најави дека за да биде што повесело на Вино Скоп годинава ќе имаме џез, блуз, фолк, рок, поп, танго, ирска музика, етно и  шлагери, а ќе се погрижат: Миле Кузмановски, Јаков Дренковски, Ефто Пупиноски, Владо Јаневски, Амадеус Бенд, Куку Леле, Ристо Самарџиев, Иван Гавриловиќ, Џафер, Чил Плеј, Ортодокс Келтс, Лили Чили и многу други.

Влезот на фестивалот како и секоја година е бесплатен и  ќе биде отворен за посетители од 12 часот, а ќе трае се до доцните вечерни часови.

vinoskop-2016-3

Годинава на нова локација, веднаш  до реката Вардар ќе се одржи најомилената есенска приказна, а веднаш до плоштадот „Мајка Тереза“ има неколку паркинзи каде што може да паркираат оние што ќе доаѓаат со возила, но секако препорачуваме сите што планираат да консумираат алкохол да не возат, туку да користат јавен превоз или такси.