четврток, 25 мај 2017  |  Вести денес: 1

Почнуваат саемите на книга, образование и туризам

Над 70 издавачки куќи ќе учествуваат на 28. Саем на книгата кој ќе се одржува во Метрополис арена од 12-ти до 18 април. Саемот ќе биде отворен официјално во понеделник во 19 часот, а за посетители наредниот ден.

saem-na-kniga-640x294

Последни вести

Од 14-ти до 16 април во третата хала на Скопски саем ќе се одржуваат 19. Денови на образование и кариера, а во истиот период во втората хала – шестиот Меѓународен саем за туризам „Скопје травел маркет“. Двете саемски манифестации официјално ќе бидат отворени на 14 април во 11 часот.

Од Скопски саем очекуваат околу 40.000 посетители на Саемот на книга кој, по Саемот на мебел, е втора саемска манифестација по посетеност во Скопје. Ќе биде понудена литература од домашни и од странски автори, белетристика, научни изданија, книги за деца, учебници. Издавачите ќе организираат и промоции и средби со автори на своите штандови, но и во Промотивниот центар во Метрополис арена во кој за седумте саемски дена се планирани над 30 промоции.

– Саемот на книга е една од најатрактивните саемски манифестации кој традиционално привлекува голем број публика. Околу 40 илјади посетители очекуваме во саемските денови од 12-ти до 18 април. Понудата е интересна и е за сечиј вкус и за сечиј џеб. Изложувачите индивидуално ќе одредат попусти на книгите, кои се движат од 10 до 70 отсто, така што по достапни цени ќе може да се збогати домашната библиотека. Ќе има штандовско претставување на изданијата, многу литературни читања, дружења со автори и промоции, рече на прес-конференција Сања Кондарко, проект-менаџер во Скопски саем.

Покрај домашни, ќе има и издавачи од Србија и Албанија, а Амбасадата на Шведска ќе организира презентација на литература за деца. Дополнителен настан што ќе го организира Скопски саем (на 14 април) е предавањето на хрватскиот писател, социолог и мотивациски говорник Бруно Шимлеша, кој е меѓу десет најчитани хрватски автори на книги од областа на популарната психологија.

Во рамки на Деновите на образование и кариера, пак, високообразовните институции ќе ги претстават можностите за студирање во Македонија и во странство. Првпат ќе учествува и CMEPIUS – Агенција при Министерството за образование на Словенија, која ќе ги претстави своите активности заедно со четири словенечки универзитети – од Љубљана, Марибор, Приморска и Нова Горица. Годинава ќе има претставници и од универзитети од Грција, Чешка, Турција и Бугарија. Ќе бидат застапени и многу програми и проекти на меѓународни организации од областа на образованието и бизнис-секторот.

На Саемот на туризам „Скопје травел маркет 2016“ се најавени  60 учесници. Ќе бидат претставени туристички дестинации, агенции, туроператори, хотели од општините во Македонија и од регионот, потенцијални инвеститори во туристичката индустрија, компании за производство на хотелска опрема и за софтверска поддршка на туризмот. Организаторот очекува оваа саемска манифестација да ја посетат околу 30.000 луѓе.

Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 30 денари, односно 20 денари за групни посети.

Најчитани вести