Поцовиво е во свесна состојба но не се сеќава на падот

Италијанскиот велосипедист, Доменико Поцовиво е во свесна состојба и не доживеа никаква скршеница по падот во текот на третата етапа од Трката околу Италија.

Поцовиво во текот на етапата која се возеше во понеделникот, на околу 40 километри до целта, од велосипедот падна на глава и се онесвести, па итно беше префрлен во болницата во Џенова.

Заработил отоци во пределот на лицето и се чини дека нема скршеници, но ситуацијата ќе биде појасна кога 32-годишниот велосипедист ќе ги мине дополнителните тестови.

“Заработи исекотини во пределот на веѓите и моравме да го сошиеме. Прегледите не покажаа никакви скршеници, но во такви случаеви секогаш постои ризик скршениците да не бидат веднаш видливи. Во болницата ни кажа дека не се сеќава на падот”, изјави агентот на Поцовиво Лорен Блонди.

Тој беше еден од кандидатите за највисок пласман на овогодинешното Џиро, а лани трката ја заврши како петти.