Поцрвене реката во Горни Милановац, никој не знае зошто

Жителите на Горни Милановац, утрово се шокирале кога виделе дека реката Деспотовица, која минува низ градот е црвена. Во еколошката инспекција се’ уште не знаат за што се работи, ни од колкави размери може да биде загадувањето.

„Наша екипа е на терен, се обидуваме да утврдиме за кој вид на загаденост се работи“, кратко одговорила еколошката инспекторка, Радица Мариќ, пренесуваат српските медиуми.

Ниту најстарите жители на овој град не паметат дека реката Деспотовица некогаш имала ваква боја, иако не било реткост реката да биде загадена.

Последниот случај бил во јули, минатата година, кога во реката е истурена отровна течност, што придонело за изумирање на растителниот и животинскиот свет во неа. И тогаш во водата биле пронајдени честици со пигмент на црвена боја.