Под истрага поранешниот австриски министер за одбрана за набавка на борбени авиони

Обвинителството на австриската престолнина Виена ја прошири истрагата на поранешниот министер за одбрана Норберт Дарабос поради купување на борбените авиони „Eurofighter“ во износ од две милијарди американски долари, објави во понеделникот портпаролот на обвинителството.

Иследниците во февруари 2017 година започнаа истрага против компаниите производители на авиони „Airbus“ и „Eurofighter“, откако австриското министерство за одбрана објави дека верува оти компаниите ја измамиле австриската влада околу цените, роковите на испорака и опремувањето на авионите купени во 2003 година.

Норберт Дарабос, кој како министер за одбрана во 2007 година се договорил со „Eurofighter“ околу намалување на вредност на договорот, е првиот член на владата за кој е покрената официјална истрага. Во моментов член на регионалната влада на Градишче, Дарабос признал дека иследниците го испитувале неколку месеци.

Австрија во 2003 година во времето на конзервативната влада купила 18 борбени авиони „Eurofighter“, а подоцна се појавија сомневања за корупција поврзана со ткн оффсет програмата. Парламентарната истрага во 2006 година, којашто ја отвори владата водена од социјалдемократите (SPOe), се обида да најде причини за откажување на договорот. Но во 2007 година, тогашниот министер за одбрана Дарабос, исто така социјалдемократ, се спогодил со „Eurofighter“ нарачката да се намали од 18 на 15 авиони, а вредноста на пропратните договори од 4 на 3,5 милиони евра.

Со истиот договор минатата 2017 година се занимаваше друга парламентарна истрага. И додека не пронашла никакви докази дека „Airbus“ поткупувал австриски политичари, во извештајот се наведува дека Дарабос во текот на преговорите со таа компанија не договарал со другите министерства и агенции и оти не бил доволно транспарентен.