Поддршка од сенаторите Мекејн и Марфи за прием на Македонија во НАТО

Македонија доби силна поддршка за својата апликација за прием во НАТО од двајца водечки американски сенатори, членови на Комисијата за надворешни работи на Сенатот. Републиканскиот сенатор Џон Мекејн и демократот Кристофер Марфи оценија дека по серија самити на НАТО на кои немаше проширување, во прашање е доведен угледот на оваа институција, пренесе МИА.

„По прашањето на Македонија и Грција, за многу од нас е едноставно несфатливо, дури и откако по многу пати нашите грчки пријатели ќе не избрифираат и ни објаснуваат колку за нив е важно името. Се надевам дека ова прашање ќе се реши, но не можам да разберам како може името Македонија толку многу да ги навредува нашите пријатели во Грција. Можеби не сум доволно бистар“, изјави сенаторот од Аризона Џон Мекејн, водечки републикански сенатор во Комисијата за надворешни работи и претседателски кандидат на изборите во 2008 година, прашан од Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора за можноста САД да помогнат да се надмине спорот за името на време до годинашниот самит на НАТО.

Сенаторот од Конектикат Кристофер Марфи, демократ кој претседава со Поткомитетот за Европа на Комисијата за надворешни работи, оцени дека приемот на Македонија во НАТО е најлесен начин конечно да дојде до проширување на Унијата.

„Не е случајно што долга редица на држави се уште чекаат да влезат во НАТО. Членството во НАТО се уште нуди многу поволности. Знам дека има загриженост дека големите очекувања за проширувањето нема да се исполнат. Ако одиме по листата на држави – кандидатки, за секоја од нив има причини поради кои можеби нема да биде таму каде што сака да биде, дали е тоа спорот за името на Македонија, или граничните прашања на Грузија. Но, мораме да бидеме фокусирани на целта, бидејќи ако имаме низа на самити на кои нема проширување, тоа ќе делува да се залади интересот на кандидатите за членство“, изјави Марфи.

Ова, додаде, не е само прашање на обединување под заеднички одбранбен чадор, туку и сигнал дека со приемот во една од најугледните политички и воени организации, овие земји се подготвени за настап и на големата економска сцена.

„Македонија е најбрзиот пат да дојдеме до самит со проширување. Тоа е единственото прашање кое стои на патот за прием на Македонија во НАТО, и затоа сериозно ги сфаќаме овие забелешки. Ќе разгледаме и во други форуми како можеме да ги доведеме двете страни повеќе да разговараат за ова прашање“, напомена Марфи.

Двајцата сенатори зборуваа во Центарот за стратегиски и меѓународни истражувања во Вашингтон, на дискусија за предизвиците кои се пред НАТО во пресрет на претстојниот септемвриски самит во Британија. Водечка тема на разговор беше состојбата во Украина, каде Мекејн и Марфи заедно отпатуваа како американски претставници да го поддржат, како што кажа Мекејн, приклонувањето на оваа земја подалеку од сферата на руско влијание, и поблиску до САД и Европа. Мекејн изрази силна поддршка и за приемот на Грузија во НАТО, и упати апел до претседателот Барак Обама да почне да биде активен во надворешната политика. Мекејн побара од Обама да каже која е неговата визија за светот, укажувајќи на високата цена која ќе биде платена поради американското неангажирање во граѓанската војна во Сирија, повлекувањето од Ирак, и неможноста Арапската пролет да се насочи кон создавање на демократски Влади кои би биле пријателски кон САД.

Сенаторот Марфи изрази надеж дека во денешното обраќање до нацијата, претседателот Обама ќе посвети дел од говорот и на претстојната посета на Брисел, каде со европските водачи треба да разговара за повеќе прашања од заеднички интерес, како што се преговорите за трговски сојуз, проблемите со американското шпионирање на Европа, но и состојбата со воената алијанса. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.