Македонија

Поддршка од Собранието на неколку закони од областа на здравството

Поддршка од Собранието на неколку закони од областа на здравството

Собранието во дел од расправата во продолжение на 82-та седница усвои заклучоци за натамошна постапка на Предлог-законот за дополнување на Законот за земање и пресадување делови на човечкото тело заради лекување и на Предлог-законотза изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала, двата во прво читање.

Исцрпена е и расправата по Предлог–законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита во прво читање, за кој пратениците треба да гласаат утре.

Предлогот за дополнување на Законот за земање и пресадување делови на човечкото тело заради лекување предвидува назначување заменик на националниот координатор кој ги координира активностите за трансплантација на органи.

Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека е неопходно координаторот да има заменик зашто одлуките за пресадување органи се носат итно и не трпат одлагање во случај координаторот да е отстутен поради обврски или болест.

„На пример, ако е на пат, отсутен поради болест или од други причини е спречен, да може да го замени за да не трпи процесот на трансплантација“, рече Тодоров.

Лицето кое ќе биде избрано за заменик треба да ги исполнува условите утврдени со законот, а за неговата работа се предлага исплата на месечен надомест во висина од 70 отсто од месечниот надомест што му се исплаќа на националниот координатор за трансплантација.

Пратениците по долго полемнизирање изгласаа прифатливост и на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала,  во прво читање. Ресорниот министер посочи дека прва и најзначајна измена е што лековите без рецепт кои се нискотоксични (ОТС),  покрај во аптека ќе може да се продаваат и во малопродажба – во маркети и на бензински пумпи. Според него, концептот ќе овозможи проширување на дистибутивната мрежа низ цела Македонија и доближување на оваа услуга до грѓаните, а тоа да доведе до намалување на цените на лековите поради  зголемена конкуренција.

Втора крупна измена е ограничувањето кој може а кој не може да има аптека. Основач на аптека може да биде само лице со високо образоване од областа на фармацијата и не може да биде  вработено во некое регулаторно тело за лекови или во Министерството. Правните лица кои во своите малопродажни места ќе продават лекови без рецепт ќе може да прават паралеллен увоз на тие лекови.

Нова аптека ќе може да се отвори на оддалеченост од 100 метри воздушна линија од друга аптека. Оваа одредба нема да важи за веќе отворени аптеки, туку по влегувањето на законот во сила.  Законот предвидува и ако некој поседува најмалку две аптеки да има обврска за отворање аптека во рурална средина, работење на аптеките во трета смена (24 часа) во општини со над 30.000 жители, секоја аптека од 2016 мора да има вработено дипломиран фармацевт…

Исцрпена е расправата за Предлог–законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита во прво читање, за кој пратениците треба да гласаат утре, на продолжението на седницата. Образложувајќи го, министерот Тодоров рече дека со него ќе се подобри квалитетот на здравствените услуги.