Поддршка за Граѓанското движење за одбрана на Македонија во Битола и во Велес

Граѓанското движење за одбрана на Македонија денеска доби поддршка и во Битола и Велес, соопшти МИА.

Вчера поддршка Движењето доби во Охрид, Прилеп и Штип. Платформата на ова движење  се формираше минатата недела во Скопје за одбрана и будност на граѓаните против, како што наведуваат, поединците, групите и партиите кои се понесени од својата алчност за власт и не бираат средства и ги поткопуваат темелите и одземаат слободата на државата.

Граѓанското движење за одбрана на Македонија беше иницирано од група интелектуалци, актери професори и останати јавни личности.

Режисерот Љубиша Ѓоргиевски, директорот на НУ Народен театар-Битола Валентин Светозарев, професори од Универзитетот „Св. Климент Охридски“  – Битола, јавни личности од стопанскиот, културниот и спортскиот живот, граѓанскиот сектор и поединци, денеска учествуваа на јавна трибина посветена на актуелниот политички амбиент во државата, активностите на власта и опозицијата, како и сознанијата, како што беше речено, за разни активности и соработка со странски разузнавачки служби.

– Морето да беше мастило, а небото хартија, не ќе стигнеше толку колку што имаме да кажеме, но не сакаме се да кажеме затоа што овие денови се бориме против сопствената јанѕа, против сопствената желба и ние да станеме животни па да јадеме живи луѓе, нагласи режисерот Љубиша Ѓоргиевски на јавната трибина во Битола.

– Да го оставиме предметот на институциите, но политичката дискусија не смее да биде забранета во една демократска држава. Што ќе се случи? Што се случува? Ако бараме непријател во странските држави, ние немаме многу, ние не сме империја. Ако се примени старата мисла „за чие добро“ тогаш јасно е за чие добро се работи. Читајте го грчкиот печат. Ако веќе нагаѓаме која е државата што има апсолутно и од петни жили против нас да постоиме како држава и како народ . Таа држава смислила начин која е ахиловата петица на нашата држава, а ахиловата петица на државата Македонија е нејзината мултиетничност. Македонија може да се дестабилизира и уништи, ако се дестабилизира мултиетничката рамнотежа, појасни Ѓоргиевски на денешната јавна трибина во Битола.

Според Ѓоргиевски заговорот е јасен како бел ден, а оние што говореа дека треба да ја свиткаме кичмата постапија крајно аматерски како вистински дилетанти.

– Она што е светла точка. Од каде излегува сонцето и се наѕира во маглата. Светлата точка е во тоа што Македонија по оваа афера ќе добие опозиција достојна на Македонија. Опозиција што ќе биде патриотска. Не опозиција која ќе биде послушна на позицијата, туку автентична вистинска опозиција што ќе излезе со вистинска програма, критичка и која ќе биде постојан чувар на Уставот на Република Македонија. Не може да се замисли демократска држава без опозиција, државата не може да остане како човек со едно белодробно крило, ниту едно пиле не лета само со едно крило. За жал, господата не сакаат да влезат во Парламентот, рече меѓу другото Ѓоргиевски пред аудиториумот во Битола.

На јавната трибина во Битола беше прочитано писмо од писателот Владимир Костов.

Во Велес поддршката на Граѓанското движење група велешки интелектуалци од различни профили ја искажаа на прес-конференција.  Во име на сите нив, Платформата на граѓанското движење за одбрана на Македонија ја прочита Трпе Туфекчиев, професор во Гиназијата „Кочо Рацин“ во Велес.

Тој потенцира дека граѓаните на Република Македонија обединети и сплотени во граѓанското движење  за одбрана на Македонија, следејќи ги светлите традиции на нашите предци кои низ вековите несебично го давале својот живот за македонската кауза, затоа повикуваат на будност и одбрана на нашата татковина.
– Поединци, групи и партии понесени од својата алчност за власт не бираат средства и ги потикнуваат темелите на нашата држава. Суверенитетот на Република Македонија произлегува од граѓаните и  им припаѓа на граѓаните. Власта со сите демократски држави се добива и се губи на избори. Само граѓаните на Република Македонија одлучуваат за Македонија. Не смее да се дозволи ниту еден граѓанин, ниту еден човек да биде инструмент на кој било странски интерес, потенцира Туфекчиев.
Тој истакна дека силно и недвосмислено го осудуваат секој обид за дестабилизација на нашата татковина и сите замешателства на странските служби и интереси во нашите домашни работи.
– Меѓу нас може да има битки, натпревари, судир на концепти на интелектуалната мисла,  но никако во тие наши македонски работи не треба и не смее да се користи логистиката и подметнувањето на странските служби, потенцира Туфекчиев.
Тој потсети дека  сакаме мир и стабилност на нашата држава и нема да дозволиме поделба на македонското национално ткиво по ниту една основа. И сакаме напредок на општетството и држава во секоја сфера и затоа решително ќе го обезбедиме тој демократски простор. Ќе го победиме стравот, паранојата, немирноста и нестабилноста кои ни ги сервираат од надвор, потенцира Туфекчиев.
– Го осудуваме и жестоко се спротивставуваме на секој обид за одземање на нашата слобода и мешање во нашата приватност преку незаконски средства и методи. Нема да дозволиме некој да го нарушува мирот на нашето семејство, нашиот народ и нашата нација, потенцира Туфекчиев и ги повикува сите граѓани да се стават на браникот на татковината.

Ова движење е предводено од професорката Виолета Ачковска, драматургот и писател Бранислав Димитров Бато, Сашо Гигов Гиш, актерите Зоран Љутков, Тони Михајловски, Ванчо Петрушевски, со поддршка на синдикалецот Дојчин Цветановски, фудбалската легенда Илија Најдовски, деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов. За краток период ова движење доби широка поддршка и се приклучија здружението на пензионерите, моторџиите преку здружението Ноќни волци, како и најголемото здружение на бранители Бедем.

Во Платформата на Граѓанското движење се наведува дека тие како граѓани на Република Македонија, обединети и сплотени во Граѓанското движење за одбрана на Македонија, следејќи ги светлите традиции  на нивните предци, кои низ вековите несебично го давале својот живот за македонската кауза, повикуваат на будност и одбрана на нашата татковина. Според нив поединци, групи и партии, понесени од својата алчност за власт, не бираат средства и ги поткопуваат темелите на правната држава.

фото: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.