Поддршка за националната програма за железничка инфаструктура

Предлог – националната програма за железничка инфраструктура за периодот 2014-2016 година денеска  доби поддршка од собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.

Со програмата, усвоена од Комисијата без расправа, се планира реализација на  31 проект за кои се потребни 19.886.169.633 денари (323.352.352 евра). Од тој износ 49 проценти ќе бидат наменети за изградба и изработка на инвестициско техничка документација за Коридор 8, а 51 процент се за Коридор 10 и кракот „д“ на Коридорот 10.  Во најголем дел ќе се обезбедат по пат на заеми , грантови, Буџетот на Министерството за транспорт и врски и  сопствени средства на ЈП Македонски Железници „Инфраструктура“-Скопје, информира заменик-министерот за транспорт Џељаљ Бајрами.

Инвестициите ќе бидат наменети за изработка на инвестициско-техничка документација, ремонт и реконструкција на одделени делници од Коридор 10 и кракот „д“ на Коридорот 10, изградба на источниот дел од Коридор 8 во делот  кон Бугарија, како и во тековно и инвестициско одржување на железничката мрежа.

Во тригодишниот период, според Предлог-програмата, е предвидена реализација на 19 проекти за железничкиот Коридор 10 и крак 10д. Тука  спаѓаат проектот за ремонт на железничка пруга на делницата Ногаевци-Градско-Неготино во должина од 31 километар, за што се планирани 10,4 милиони евра средства обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој. Реконструкцијата на таа делница треба да овозможи продолжување на кракот од железничкиот Коридор 10 кон Грција до пристаништето во Солун и градот Игуменица, што покрај за патничкиот ќе биде од голема важност и за товарниот железнички сообраќај.

Вториот проект се однесува на рехабилитација и надградба на Железничка станица Скопје за што се обезбедени 2,9 милиони евра, како и 4 милиони евра што ќе се обезбедат за изградба на кровна конструкција на станицата. Планирани се и 2,4 милиони евра за реконструкција на поголемите железнички станици на Коридорот 10.

Од планираните проекти за железничкиот Коридор 8 во тригодишниот период акцентот ќе биде ставен на реконструкцијата на пругата од Куманово до Бељаковце. Градежните работи се очекуваат да започнат во првиот квартал од годинава и да бидат завршени во рок од 30 месеци. Ќе се подготвува техничка документација и тендер за градба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце-Крива Паланка во должина од 34 километри. Од ЕБОР треба да се обезбедат 145 милиони евра за изградба на нова и реконструкција на постојната делница. Градежните работи се очекува да започнат во првиот квартал од 2016 година и да бидат завршени во рок од 48 месеци.  Со 3,5 милиони евра, пак, ќе се прави основен проект и тендер за градба и надзор за нова делница од Крива Паланка до граница со Бугарија, а со 8 милиони евра основен проект и тендер за градба и надзор за нова пруга од Кичево до Лин, граница со Албанија, во должина од 63,6 километри.

На денешната седница на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија поддршка во прво читање доби и Предлог законот за изменување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај.  Целта е усогласување со законите за трговски друштва и за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини.