Поддршка за преименување на охридскиот кеј во „Македонија“

Дoктори, уметници, интелектуалци, претставници на невладиниот сектор, новинари… сите се сложни дека кејот во Охрид треба да го носи името „Македонија“, откако градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и советниците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа зад предлог одлуката, охридскиот  кеј  од „Маршал Тито“ да се преименува во „Македонија“, пишува „Курир“

Докторот и уметник Драган Спасески вели дека го поздравува преименувањето  и смета дека сега овој кеј го има најрепрезентативно име кое можеше да му се даде.

-Тука само кратко ќе напоменам дека властите во градот ќе мора да го одржуваат репрезентативен и на него да нема ни најмала дупка, за да му одговара името Македонија. Сега не е тоа случај, има простор каде мора да се интервенира за да може достоинствено да го носи името, вели Спасески

Нoвинарот и писател Милчо Јованоски смета дека  името ”Македонија” му прилега и е одраз на времето во кое живееме.

-Кејот покрај синото Охридско Езеро доби ново име. Од вчера се вика „Македонија“. До вчера  чекоревме по „Маршал Тито“од сега по „Македонија“.Новото име вистински му прилега и е одраз на времето во кое живееме.  Еве веднаш се оградувам од дневно – политичките коментари и препукувања во стилот зошто „Македонија“ а зошто Маршалот е испратен и од Охрид во историјата каде што припаѓа. Точно е без минатото, нема иднина. Тито за мене е историја, во негово време безгрижно растев и учев, а Македонија е просторот во кој живеам,создавам и творам. Но, искрено повеќе ми значат сегашноста и иднината. Она што посакувам е по кејот да гледам и да се разминувам со сограѓани на чии лица ќе ги нема товарот и загриженоста. Да има се повеќе млади и тие да останат тука да формираат семејства, а не да заминуваат со билет во еден правец од својот роден град. Само така „Македонија“ ќе ги направи Охрид и Македонија посреќно место за живеење. Ете,тоа е просторот во кој треба да се посветат, надзборуваат  и да се натпреваруваат во случајов советниците и политичарите. Инаку, името си е име и  се’ќе е попусто и ќе испадне по онаа на Шекспир „Многу врева за ништо“, вели Јованоски.

Со промената на името се согласува и Аница Палацо од невладиниот сектор.

-Не знам зошто да елаборирам на ова прашање. Јас сум согласна да се промени името и мислам дека е во ред!, вели Палацо.

Професорот Науме Мариноски смета дека  кејот сега има најубаво име.

– Конечно се промени името на кејот во Охрид, и сега го има најубавото име  ”Македонија”. Презадоволен сум од овој предлог на Градоначалникот која сега се преточи во одлука на Советот и се радувам што кејот сега го има името на нашата држава, вели Наумоски.

Писателот Славе Ѓорго Димоски вели дека кејот сега го има вон епохалното име ”Македонија”.

– На дел од брегот на нашето сјајно Охридско Езеро, сега се даде вон епохалното име на нашата славна татковина. Нашата нација која со многу ја задолжила светската цивилизација, сега на кејот на најсветиот и најсветлиот град во земјава го даде името на „Македонија” кое е единствено доволно достојно и светло, на нашето блескаво езеро, додава Ѓорко Димоски.