Поддршката за обесштетување од поплавите се зголемува до 100 проценти

До 100 проценти од утврдената загуба на приходот од продажба на земјоделскиот производ и проценетата штета на пластеници, односно стакленици, ќе изнесува максималната висина на државната помош во случај на поплави или други елементарни непогоди, пренесува МИА.

Ова е предвидено со најновите измени на Законот за земјоделство и рурален развој што денеска е пред Собранието и треба да се донесе по скратена постапка.

Со предложеното решение, како што стои во образложението, се очекува целосно обесштетување на сите земјоделските стопанства и домаќинства кои претрпеа големи штети од поплавите во периодот меѓу 26 јануари и 6 февруари годинава.

Утврдување на настанатата штета, пресметување на загуба на приход од продажба на земјоделски растенија и животни, штети на стакленици и пластеници, како и пресметка на штетата и постапката за исплата на помошта ќе се врши согласно Уредбата за начинот на утврдувањето на неповолниот климатски настан, настанатата штета, пресметувањето на загубата на приходот, пресметката на штетата и постапката за исплатата на помошта.

– Се предлага, максималната висина на помошта за утврдените загуби на земјоделски растенија и животни на земјоделски имот, како и за проценетите штети на стакленици и пластеници предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани да се измени, од 60 и 80 отсто на 100 проценти. Истовремено се предлага и максималниот износ по земјоделско стопанство, 300.000 денари, да се избрише, стои во новото решение.

Висината на помошта и средствата ќе се утврдуваат со годишните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, зависно од претходно утврдените штети и загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, невообичаено високата температура што ја зафати Македонија меѓу 26 јануари и 6 февруари предизвика топење на снежната покривка, што во комбинација со обилните врнежи резултираше со нагло зголемување на нивото на водотеците предизвикувајќи поплави во 43 општини. Штети имаше во повеќе сектори, а најпогодени беа транспортот, земјоделството и иригациските системи.

Доставените податоци од општинските комисии за штети покажуваат дека во 18 општини се пријавени штети во секторот земјоделство.