Поддржан проектот за топлификација во Битола и ослободувањето од ДДВ за донации

Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 80. седница го поддржа проектот Топлификација на Битола за кој финансиските средства се обезбедуват од КфВ банката и АД ЕЛЕМ. На ова продолжение поддршка доби и предлогот за ослободување од ДДВ на донациите преку специјалните броеви на телекомуникациските оператори за хуманитарни цели.

Проектот за Топлификација на Битола го подржаа сите пратеници кои гласаа. Денеска во расправата Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со ова законско решение ќе се направи енергетски ефикасен систем за греење и дека тоа ќе го реши проблемот на над 100 илјади жители.

Поддршка даде и Горан Милевски од ЛДП кој оцени дека е од исклучителна важност проектот и предложи наместо 25 проценти да се намали цената на струјата за 50 проценти. – Битолчани сега ќе имаат 24 часа топла вода, пониска цена на струјата, производствените капацитети ќе имаат пониски режиски трошоци, рече Милевски и додаде дека тоа ја отвора можноста и за изградба на затворен базен.

Со овој проект е предвидено да се реши топлификацијата и ќе се замени употребата на нафтата и дрвото за греење со што ќе се намалат емисиите на стаклени гасови и ќе се подобри сигурноста на дистрибутивната мрежа.

Со законот се предвидува во првата фаза да се изгради систем за производство на топлинска енергија, транспортен довод, примарна пумпно-топлинска станица во Битола, дистрибуциска мрежа во Битола и топлински подстаници, а со втората фаза треба да се изгради дистрибутивната мрежа за населбите Новаци, Могила и Логоварди.

За реализација на првата фаза ќе бидат инвестирани 39 милиони евра кои Владата на СР Германија ги обезбеди преку КфВ банката и околу седум и пол милиони евра од АД ЕЛЕМ. Рокот на отплата ќе биде 15 години со грејс период од четири години.

Поддршка од пратениците добија и измените на Законот на данокот на додадена вредност со кој се овозможува даночно ослободување за услугите од страна на телекомуникациските оператори при што за донирањето преку специјалните броеви за хуманитарни цели нема да се плаќа ДДВ.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека овие измени се со цел поттикнување на домациите за хуманитарни цели и оти тие се произлезени од иницијативите на граѓаните и луѓето кои сакаат да донираат средства.

– Сметаме дека предложената измена ќе биде дополнителен мотив за зголемување за донирањето средства преку специјалните телефонски броеви кои се користат за хуманитарни цели со што се стимулира филантропијата во РМ, рече Ставрески.

Горан Сугаревски рече дека оваа иницијатива произлегува од опозицијата која претходно поднесе закон. Според него, ова е чисто преземена идеја од СДСМ и опозицијата.

Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не е потребно да имаш само идеја туку и издржано законско решение што СДСМ го немаше.

– Оваа Влада во континуитет го намалува ДДВ од 18 на 5 проценти. Во континуитет работи на подобрување на условите на граѓаните. Тоа е постојана грижа, рече Цуклев.

Собранието во рамки на претпладневниот дел од работата по дневниот ред од 80. седница разгледа и повеќе барања за автентични толкувања на членови од закони.