Поддржани четири законски решенија од финансиите во прво читање

Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 31-вата седница ги прифати измените на Законот за даночна постапка и го даде на второ читање.

Целта на законските измени, како што појасни заменик министерот за финансии Ардијан Џеладини,  е усогласување на законските одредби во делот на прекршочните одредби кои се однесуваат на физичките лица со одредбите од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.

Тој појасни дека со измените се предвидува глобата за неподнесување на пријава за регистрација и за неводење на деловни книги и евиденции сторени од страна на физички лица од сегашните 150 до 500 евра, да се зголеми на 1.000 до 1500 евра.

Измените, како што рече, се очекува да придонесат кон спречување на вршење на нерегистрирана дејност и сузбивање на сивата економија.

Собранието ги прифати измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност и ги даде на  натамошно читање.

Заменик министерот за финансии Џеладини појасни дека измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност имаат за цел банките да се стимулираат да издаваат сертификати за депозити.

– Сертификатот за депозит е еден од инструментите со кои може да се тргува на пазарот со хартии од вредност. Со цел да заживее издавањето и тргувањето со овој инструмент, беше направена анализа на регулативите од други држави, со кои е уредено издавањето на сертификати за депозит. Од анализата произлезе потреба да се прецизира постоечката дефиниција на сертификатот за депозит, рече Џеладини.

Посочи дека со измените се предвидува издавање краткорочни сертификати за депозит на банка или штедилницата да не е потребно претходно одобрение од Комисијата за хартии од вредност.

Покрај тоа, додаде, се предвидува и да се намали базата на прашања и примери за полагање на стручниот испит за брокер, односно за работење со хартии од вредност. – Постоечкиот број од 2.000 прашања се намалува на 1.500 прашања, а базата од 200 практични примери се намалува на 150 практични примери, истакна Џеладини.

Според него, овие измени ќе влијаат на подобрување на условите на пазарот на капитал во Република Македонија.

За пратениците се прифатливи и измените и дополнувањата на Законот за банките, поради што ги дадоа на натамошно читање.

– Целта на Предлог законот е да се овозможи на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Фондот за здравственото осигурување преку пристапот до податоците со кои се стекнале банките да извршат проверка на податоците кои ги поднесуваат барателите – физички лица, за остварување на правото на користење паричен надомест од страна на приматели на социјална парична помош, паричен надомест од АВРМ и бесплатно здравствено осигурување. Податоците ќе им се даваат само доколку банката склучи меморандум за соработка со овие институции, со кој се регулира начинот на достапност на податоците, истакна Џеладини.

Пратеникот Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека законот се носи во интерес  на барателите на одредени права, а целта е како што рече, средствата од Буџетот на РМ да бидат искористени за оние категории луѓе на кои навистина им се најпотребни, а не злоупотербени.

Пратеничката Светлана Карапетрова од ВМРО-ДПМНЕ потецнира дека и лица со, како што рече дебели банкарски сметки аплицираат за добивање на правата и ги добиваат, бидејќи се водат како невработени во АВРМ и користат здрвствена услуга иако имаат пари добиени по разни основи, како што се приливи од странство или за извршени работи кои се нелегални и непријавени.

– На тој начин им ги земаат средствата на оние на кои што секако им се попотребни отколку на нив. Целта е луѓето кои имаат вискои сметки во банка да не можат да ги користат повластиците од Министерството за труд и социјална политика, АВРМ и ФЗОМ, рече Карапетрова.

Таа посочи дека од 2006 година до денес во просек социјалната помош е зголемена за 46 проценти, додавајќи дека Владата секогаш ќе дава поддршка за ранливите актегории.

Пратеничките од опозицијата сметаат дека ова не е добро решение бидејќи државата ќе има увид во банкарските сметки што ќе придонесе да се  наруши не само приватноста на граѓаните, туку и довербата на банките.

– Ова е ранлива категорија на луѓе и никој не гарантира дека опсегот на луѓето опфатени со контрола на банкарските сметки нема да биде зголемен, рече Солза Грчева.

Собранието ги прифати и дополнувањата на Законот за Фондот за осигурување на депозити и го даде на натамошно читање.

Заменик министерот за финснии Џеладини рече дека со измените на Законот за Фондот за осигурување на депозити се предлага да се прошири опфатот на депозитите што се предмет на осигурување и во Фондот да бидат вклучени и сертификатите за депозитите покрај денарските и девизните депозити, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица.

– Сертификатот за депозит е хартија од вредност издадена од банка, врз основа на средства депонирани кај банката. Основната цел на Предлог-законот е да се зголеми опфатот на депозити кои ќе се осигуруваат и обесштетуваат. Со ова законско решение се очекува да се зголеми довербата и сигурноста на потенцијалните иматели на сертификатите за депозити како штедачи во банкарскиот систем на земјата, појасни Џеладини.

Собранието ја почна расправата по измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата во прво читање.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими рече дека во Предлог законот се предвидува решение со кое се дава можност згрижување и воспитание на децата да може да се организира во детска градинка/центар за ран детски развој во состав на правни лица за потребите на вработените како и во образовна институција за образование на стручен кадар за предучилишно воспитание, како и можноста во состав на јавна детска градинка, односно детска градинка во приватна сопственост да се формира центар за ран детски развој како објект.

Со предлог законот, како што појасни, се воведува електронска апликација на барање за остварување на правото на детски додаток во центрите за социјална работа, која одредба е со одложно дејство.

Ибрахими појасни дека со предложените измени и дополнувања се утврдуваат условите кои треба да ги исполни директор на приватна установа за деца – детска градинка /центар за ран детски развој приватна установа за деца – детско одморалиште и раководно лице во организациона единица во состав на правно лице.

– Се дава решение за намалување на бројот на членовите на комисијата за лиценцирање со цел за поефикасно работење на комисијата, рече заменик министерот за труд и социјална политика.

Со предложените измени и дополнувања, како што посочи, во функција на подобрување и подигнување на здравата исхрана на децата во установите за деца, се предлага во Стандардите и нормативите за вршење на дејноста да се утврдат и стандарди за исхрана и оброци.

Пратеничката Роза Каровска-Топузовска се изјасни дека ќе го поддржи ова законско решение, бидејќи е добро и е во интерес на граѓаните.

Пратениците ќе ја продолжат седницата по редовната едночасовна пауза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.