ПОДЕМ: На 5-ти јуни граѓаните ќе донесат пресуда за минатото и одлука за својата иднина

5-ти јуни нека биде празник на демократијата на кој граѓаните ќе донесат пресуда за минатото и одлука за својата иднина. Со своја реакција по повод актуелните политички случувања во земјата се јавија и од ПОДЕМ.

Оттаму најпрво изразија жалење што не се испочитувал потпишаниот договор од Пржино, но најтрагично е тоа што и претставниците на меѓународната заедница не останаа доследни на дадениот збор, но уште потрагично и на својот потпис на договорот.

Според ПОДЕМ, ова што во моментов го доживуваат граѓаните на Република Македонија е најлошата епизода на демократијата, независноста и сувереноста на сопствената држава. Оттаму потенцираат оти на сите треба да им биде целосно јасно дека времето на колонизација на државите заврши многу одамна и редно е да се стави крај на обидите Република Македонија да се претвори во протекторат.

Од ПОДЕМ ја поздравуваа едниствената, како што велат, светла точка која се случи а тоа е дефинирањето на датумот 5 јуни како ден за одржување на избори со што ќе се стави крај на оваа тортура од опозицијата врз целокупниот македонски народ.

ПОДЕМ целосно го осудува несериозниот однос на претседателот на Државната изборна комисија и го повикува да си ја изврши својата работна обврска, да си ги испочитува сите зададени рокови за што е платен од сите граѓани на Република Македонија. СДСМ е единствената опозициона политичка партија во светот која бега од избори односно сликовито сака да се одигра фудбалскиот натпревар ама играчите се кријат во соблекуваната и не излегуваат на терен да се одигра натпреварот. ПОДЕМ ги повикува сите вклучени фактори на државнички однос и ставање крај на оваа криза со што Република Македонија ќе продолжи да чекори по патот на просперитетот, новите капитални инвестиции, новите странски инвестиции односно севкупното подобрување на животниот стандард. Ова е почетокот на крајот на едно историско предавство од страна на една политичка партија за што најпрво граѓаните на 5 јуни ќе и ја врачат пресудата додека следните генерации ќе можат многу подобро да го изучуваат како пример како не треба да се однесуваат спрема својата татковина, се вели во соопштението.

Од ПОДЕМ инсистираат на ставање крај на оваа политичка ситуација, ослободување на граѓаните од политичката неизвесност и, како што велат, 5-ти јуни нека биде празник на демократијата на кој граѓаните ќе донесат пресуда за минатото и одлука за својата иднина.