Притвор за сите освен за Заев, кому му е одземен пасошот

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на органзиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против четири лица за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Од Основното јавно обвинителство соопштуваат дека надлежниот обвинител против осомничените лица донел Наредба за спроведување на истражна постапка. Поранешниот директор на ДБК Зоран Верушевски кој е осомничен за кривично дело „шпионажа“ и кривично дело „насилство спрема преставници на највисоките државни органи“, за сопругата на Верушевски која е осомничена  за сторено кривично дело „шпионажа“, за осомничениот Б.П. за кривично дело „насилство спрема преставници на највисоките државни органи“ и за лидерот на СДСМ Зоран Заев кој е осомничен  за кривично дело „насилство спрема преставници на највисоките државни органи“.

Против првите тројца пријавени Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до надлежниот Судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за обезбедување присуство на лицата и за непречено водење на кривичната постапка – Притвор.

Со оглед на сите околности на кривично правниот настан и фактот што кривичното дело останало во обид за осомничениот Заев не е поднесен Предлог за определување на мерката Притвор, туку Предлог за определување на мерка на претпазливост и тоа обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице односно кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница.