Поднесени 296 амандмани за Предлог-резолуцијата на ЕП за Македонија

Република Македонија е рекордер кога станува збор за поднесени амандмани на Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за нашата земја, што минатиот месец беше предложена од страна на известувачот Иво Вајгл.

Како што јавува МИА, дури 296 амандмани се поднесени за македонската Резолуција, од кои 150 се дело на грчко-бугарските европратеници во рамки на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на ЕП.

Убедливо најмногу амандмани за Предлог-резолуцијата за Македонија поднесе бугарскиот ултра-националист Ангел Џамбаски од партијата на Красимир Каракачанов, со 30 поднесени амандмани од вкупно 58-те на пратениците во ЕП од Бугарија и речиси сите се негативни и содржат осуда на земјата. Зад Џамбаски на оваа листа кај бугарските европратеници е Андреј Ковачев од владејачката партија ГЕРБ на Бојко Борисов, со 17 амандмани, а трет е поранешниот премиер на Бугарија, Сергеј Станишев, кој достави 11 амандмани на македонската Резолуција во европскиот законодавен дом.

Сепак, на ниво на земји-членки на ЕУ, Грција е убедлива во бројот на амандмани поднесени од нејзини европратеници, бидејќи дури 92 амандмани на Предлог – резолуцијата за Македонија се поднесени од страна на Грците, на кои ако се додадат 12-те амандмани од страна на кипарските Грци (Елени Теохарус и Димитрис Пападакис), тогаш се доаѓа до бројка од 104 грчки амандмани на македонската резолуција. Марија Спираки од Неа Демократија е водечки грчки европратеник со 18 амандмани, па по неа следуваат нејзиниот сопартиец Манолис Кефалојанис со 16 амандмани, па Никос Андрулакис (ПАСОК) со 14 амандмани, неофашистиот од Златна Зора, Елефтериос Синадинос (13 амандмани), Софија Сакорафа (СИРИЗА) – 14 амандмани, Милтидиас Киркос со девет амандмани и Јоргос Епитидејос од Златна Зора (8 амандмани).

Сите овие амандмани се целосно анти-македонски, што, зачудувачки, е поддржано и со рекордните 18 негативни амандмани на македонската Резолуција на Шпанецот од партијата на Обединета Европска левица (ГУЕ/НГЛ), Хавиер Кусо Пермуј, што се коментира како поддршка на ставовите на сестринската партија СИРИЗА, која е сега на власт во Грција. Сериозно контра македонските ставови и позиции се и поголемиот дел од 13-те амандмани на поранешниот известувач за Македонија од Европарламентот, Ричард Ховит.

Во поддршка на Македонија се 11-те амандмани на романската европратеничка Моника Маковеј (ЕПП), како и на петте амандмани поднесени од хрватските европратеници Андреј Пленковиќ, Дубравка Шуица, Ивана Малетиќ, Маријана Петир и Давор Иво Штиер. Големиот број амандмани на Унгарецот Тамаш Месериш и Словенецот Игор Шолтес (Група на Зелени), како и дел од 14-те амандмани на Словакот Едвард Кукан. Известувачот Иво Вајгл, пак, поднесе десет амандмани со цел појаснување на својата Предлог-резолуција во неколку делови.

Во однос на содржината на амандманите, грчките европратеници најпрво реагираат на заклучоците на Европскиот совет, во кои се наведува потреба од решавање на прашањето за името. Пратеникот Милтијадис Киркос, заедно со Кефалојанис, Спираки и Сакорафа бараат исфрлање од Предлог-резолуцијата дека треба да се земе предвид и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во врска со спроведувањето на Времената спогодба од 13 септември 1995 година.

Но, иако гледаат да се избегне пресудата од Хаг од 2011 година, грчките европратеници, сепак, инсистираат да биде вметнато дека македонската Влада „продолжува да ги поткопува добрососедските односи преку активности за прекршување на Времената спогодба и провокативни националистички изјави што служат за внатрешни цели”. Како образложение на ова, Грците во Европарламентот го наведуваат „продолжената и систематски спонзорирана од државата злоупотреба на историски симболи, кои се чини дека има, исто така, влијание на внатрешните меѓуетнички односи”.

Ултранационалистот од бугарската партија на Каракачанов, Ангел Џамбаски, пак, бара да се исфрли податокот дека Македонија е најнапредната од сите земји-кандидати во однос на спроведувањето на европското законодавство и тој бара да стои дека „земјата забележала сериозен напредок во спроведувањето на законодавството на ЕУ”. Тој инсистира и да се избрише предлогот за отворање на поглавјата 23 и 24 во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво!

Џамбаски исто така смета дека ЕП треба да побара не само уставни и законски измени со цел почитување на правата на граѓаните на Македонија кои се „со бугарско потекло”, туку и да се побара општи прослави на историски датуми од заедничката историја меѓу двете држави, заштита на некакви бугарски културни и историски споменици на територијата на Македонија, како и „промена на учебниот систем во оној дел каде грубо се фалсификува бугарската историја”.

– ЕП да препорача вклучување на претставниците на одделните национални заедници на сите нивоа во државната администрација и развивање на граѓанското општество во слаборазвиените реони како Штип, Струмица, Крива Паланка и Тетово – бара, исто така, бугарскиот ултра-националист Џамбаски.

Грчките европратеници, пак, инсистираат воопшто да ја нема реченицата дека Македонија е земја со најголем напредок во усогласувањето со европското законодавство. Тие исто бараат да се исфрли предлогот на ЕП до Европскиот совет дека по шестата препорака на Еврокомисијата – земјата е подготвена да преговара со ЕУ.

Поранешниот известувач за Македонија од Европарламентот, Ричард Ховит, има амандман во кој предлага титулата „поранешната југословенска Република Македонија” да се користи во насловот на извештајот, а за сите други препораки за името на земјата во текстот да се користат термини „нејзините”, „земјата”, „тоа” и слични не-специфични термини. Насловот „Република Македонија”, по предлог на Ховит, не треба да се користи во текстот, но придавката „македонски” да биде содржана.

– И ИПА фондовите да се користат како лост за многу поголема буџетска децентрализација во земјата – гласи предлогот на Британецот Ховит.

Ховит, исто така, заедно со Бугарите Џамбаски и Ковачев се единствени кои поднесуваат амандман со кој ЕП ќе побара „да се нагласи важноста на прогресивно усогласување на политиката на земјата со позициите за надворешни работи на ЕУ, особено во врска со Русија и Украина”.

Грчките европратеници, пак, исто така многу опасно, сакаат да се изземе податокот дека Европскиот совет го блокира процесот за почеток на преговори за членство на Македониј во ЕУ и бараат да стои дека „Советот ја задржал одлуката за отворање на преговорите”, а инсистираат и да се исфрли предлогот на ЕП дека „недостатокот на прогрес во процесот на проширување на ЕУ може да предизвика сериозна цена за регионалната стабилност и кредибилитетот на ЕУ”.

Словакот Едвард Кукан смета дека додека последните осум години ЕП повикува на отворање на преговорите со Македонија и дека понатамошно одложување на отворање на пристапните преговори може да има негативно влијание на реформскиот процес во земјата и кредибилитетот на ЕУ во регионот.

Бугарите Џамбаски и Ковачев, заедно со повеќемина грчки европратеници инсистираат да стои дека „владеењето на правото, слободата на медиумите, регионалната соработка и добрососедските односи се есенцијален дел на процесот на проширување на ЕУ”. А, Ковачев, во однос на шестото одбивање на Советот да ја прифати препораката на ЕК за отворање на преговорите со Македонија, бара да се вметне дека „одлучна акција на властите е потребна за решавање на преостанатите загрижености”.

Ковачев, исто така, бара со амандман ЕП да ги повика властите во нашата земја да усвојат факти базирани на интерпретацијата на историјата и да воведат едукативни материјали „ослободени од идеолошки интерпретации и говор на омраза против соседните земји, оставено од комунистичката ера”.

Романката Моника Маковеј бара да се вметне дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за пристапните преговори со ЕУ. Унгарецот Тамаш Месериш и Словенецот Игор Шолтес, заеднички бараат Европарламентот да му посочи на Советот дека понатамошното одложување на почеток на преговорите за членство е дополнение на се поголемата разочараност на македонското јавно мислење во врска со ќор-сокакот во процесот на интеграција во ЕУ и дека се ризикува да се влошат домашните проблеми и внатрешната тензија. Тие инсистираат да не се загуби моментумот на про-европските реформи во Македонија.

Месериш ја повикува Грција да се усогласи со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 година и ги повикува Атина да ја потврдат својата посветеност направени во Солунската агенда од 2003. А, Унгарецот Ласло Токеш бара во духот на изразената поддршка од земјите-членки на Унијата, како и во духот на европските вредности и принципи, Грција да дозволи итно отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Унгарецот Месериш ги повикува двете страни (Македонија и Грција) да се однесуваат одговорно и бара од ЕУ со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика да се вклучат во преговорите со земјите, со цел да се олесни дијалогот и да се надмине сегашниот ќор-сокак. Тој ја повикува и ЕК да ги засили проектите и програмите во насока на зајакнување на меѓуетничкиот дијалог и меѓусебното разбирање.

– Во овој поглед го поддржуваме предлогот на претставникот на ОН, Нимиц на сложено име со географска одредница, како што долго како Македонци по националност, идентитет, култура и јазик не се засегнати, исто така бара Месериш во амандман.

Тој и Шолтес, единствено со амандман бараат ЕП со жалење да констатира за ставот на претседателот на Комисијата, Жан-Клод Јункер, кој ја промовираше идејата дека следните пет години нема да има натамошно проширување. Тие веруваат дека таков чекор би можел да го поткопа кредибилитетот на ЕУ во регионот на Западен Балкан и дека истото претставува опасен преседан и стратешки ја слабее позицијата на Унијата „во се повеќе и повеќе нестабилното Источно соседство”. Тие потсетуваат на одлуката донесена од страна на шефови на држави и влади на ЕУ-земјите, донесена на Самитот на Европскиот совет во Солун во 2003 година, во кој се наведува дека сите земји од Западен Балкан имаат перспектива за членство во ЕУ.

– Само таква перспектива може да ги мотивира земјите што се географски опкружени со земји-членки на ЕУ, да преземат неопходни реформи и да ги изведат во согласност со законодавството на Унијата, нотираат европратениците Месериш и Шолтес.

Романката Маковеј, исто така, инсистира дека преговори за пристапување не може да се попречуваат од едноставно билатерално прашање и дека истото треба да се третира како такво од страна на сите и потсетува дека Грција треба да ја почитува Времената спогодба од 1995 година со кој се обврза да не го блокира пристапот на Македонија во која било меѓународна организација ако тоа се прави под името признато од страна на Обединетите нации.

Шпанецот Хавиер Нарт, кој на првото разгледување на Предлог-резолуцијата истакна дека Македонија отсекогаш била Македонија низ историјата, наоѓајќи се на истата територија и дека Грците имаат психолошки проблем со ова прашање, исто така со амандман бара експлицитно да се наведе дека „прашањето за името МОРА да не претставува пречка за покренување на пристапните преговори”.

Во уште еден свој амандман, Нарт посочува дека земјата се согласи да се откаже и официјално од какви било територијални претензии кон соседите, посебно со Грција, и се посветат на своите постоечки граници.

Бугаринот Џамбаски, кој има поднесено рекордни 30 амандмани на македонската Предлог-резолуција во ЕП, заедно со повеќе грчки пратеници има идентичен амандман и бараат во Резолуцијата на ЕП за Македонија да влезе дека во изминатата година имало пораст на стравувањата за селективност на правдата, како и зголемената политизација на државните институции и владина контрола врз медиумите. Нивно барање е за сето ова да биде обвинета македонската Влада.

Шпанецот Хавиер Кусо Пермуј, кој поднесе 18 амандами со грчка позадина, смета дека почетокот на преговорите за членство може да се случат кога Грција и Македонија ќе постигнат договор за името. Во друг амандман, тој повика Грција и Македонија да го решат конфликтот во текот на годинава со цел почеток на пристапните преговори. Пермуј ја поздравува и „подготвеноста на новата грчка влада да го реши спорот околу името на поранешната југословенска Република Македонија” и на тој начин да се постигне траен политичко решение за тоа. Шпанецот смета дека примарниот услов за почеток на пристапните преговори е нормален однос на земјите-кандидати со сите земји-членки на ЕУ.

Хрватските европратеници Пленковиќ, Штиер, Малетиќ, Петир и Шуица, пак, единствено се обидуваат да ја исправат „грешката” на известувачот Вајгл кој во Предлог-резолуцијата на ниту едно место не ја употреби придавката „македонски”, иако истата се содржи во прогрес-извештајот на ЕК врз чија основа се гради Резолуцијата на Европскиот парламентот. Хрватите го охрабруваат формирањето на прекуграничната соработка во областа на историјата, културата, образованието и промоција на европските вредности што го поддржуваат напорите за демократски промени.

– Го поздравуваме фактот дека македонската Влада достави податоци за рекламите на Владата, кои се јавно достапни и повикуваме да се обезбедат појасни податоци за критериумите што се користат во распределбата на финансиските средства. Забележуваме дека судските пресуди за тврдењата за клевета се релативно ниски на број и се релативно конзервативни во нивното доделување на обесштетување, исто така препорачуваат петмината хрватски европратеници.

Тие уште во еден случај се обидуваат да протуркат нешто „македонско” во Резолуцијата на ЕП, па во амандман 288 – „го поздравуваат претстојното претседавање со Централно-европската иницијатива на Македонија”.

Британскиот европратеник Чарлс Тенок, повикува Советот да спроведе темелна дискусија за македонската перспектива за интеграција во ЕУ во првата половина на 2015 година. А, поранешниот претседател на Европарламентот, Јержи Бузек, во амандман за Македонија повикува „во услови кога на почетокот на разговорите за пристапување се блокирани, продолжувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво со Комисијата ќе донесе дополнителен квалитет во процесот на реформите, особено во областите од голема важност”.

Грчките и кипарските европратеници инсистираат на бришење на предлогот за поактивна посветеност на ЕУ и иницијативи од Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, со цел надминување на сегашнио застој во разговорите околу разликите за името и да се работи на изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за името. Тие инсистираат на амандман со кој ќе се констатира дека преговорите во рамки на Обединетите нации се единствено поле за решавање на спорот. Во врска со ова, словачкиот европратеник Кукан бара „поддршка и проактивен пристап од политичките лидери на Европската унија”.

Она што шокира е условувањето со ФИРОМ од страна на хрватските европратеници Јозо Радош и Иван Јаковчиќ, кои во својот заеднички амандман ги повикуваат сите членки на НАТО, а особено сите членки на ЕУ кои се членки на НАТО, активно да го поддржат „пристапувањето на ФИРОМ во НАТО”, со цел да се постигне поголема безбедност и политичка стабилност во Југоисточна Европа. За разлика од овие двајца Хрвати, грчките и бугарските европратеници во голем дел ја употребуваат целосната референца „поранешна југословенска Република Македонија”.

Како парадоксален амандман е повикот на неофашистот од Златна Зора, Елефтериос Синадинос, кој бара ЕП да ги осуди „пројавените форми на национализам и да ја изрази својата загриженост во врска со активностите на лицата кои се блиски до Владата и до националистичките групи”.

На 29-ти минатиот месец беше последен рок за поднесување на пишани амандмани за македонската Резолуција во ЕП, за која Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) ќе расправа на 23-ти овој месец, кога е можно поднесување на орални амандмани, што се најавува поради слушувањата во Македонија во однос на случајот „Пуч”. Гласањето во рамки на АФЕТ-групата за Резолуцијата за Македонија е закажано за 24 февруари, додека на пленарна седница на ЕП во Стразбур на 1-ви март, европскиот законодавен дом и официјално ќе ја усвои Резолуцијата за нашата земја за 2015 година.

Резолуциите за земјите-кандидати што ги носи ЕП, а кои се носат во однос на прогрес-извештаите на ЕК, немаат никаква правна основа и истите служат само како политичка порака до Брисел и самите држави на кои се однесува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.