Поднесени 50.000 нови барања за легализација, рокот истекува утре

Педесет илјади нови барања за легализација на дивоградби се доставени во пролонгираниот рок кој истекува утре, информира денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Апелира да се искористи можноста за легализација, потенцирајќи дека по истекот на рокот нема да се примаат нови барања.

– Апелирам секој граѓанин кој има потреба да достави барање да си го фати редот. Утре завршува законскиот рок по што нема да можат да достават дополнително барање, изјави Мисајловски, кој присуствуваше на доделување нови 74 решенија за легализација во општина Ѓорче Петров.

Мисајловски очекува денеска и утре да се зголеми бројот на новите барања покрај досега поднесените 50 илјади. Најмногу нови барања, како што рече, има во поголемите општини, како Гостивар, Струмица, Куманово, Охрид… Има по илјада, две илјади барања, но бројките постојано се менуваат затоа што секогаш во последните два дена има најмногу, посочи Мисајловски.

Во Општина Ѓорче Петров, според ресорниот министер, процесот на легализација се одвива одлично. – Над 80 проценти од комплетната документација веќе е решена, што значи дека во Општина Ѓорче Петров навистина се работи на ова прашање, рече Мисајловски.

Според градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митровски, општинските служби денеска и утре ќе работат со продолжено работно време. – Имаме голем број граѓани кои доаѓаат и пријавуваат нелегализирани објекти. За да им излеземе во пресрет на заинтересираните и да им овозможиме на тие што не можат во работно време да дојдат во Општината го продолживме работното време за денеска до 20 часот, а утре ќе работиме од 8 до 24 часот, изјави Митровски, апелирајќи и навреме да се доставуваат потребните геодетски елаборати  за да се комплетира постапката за легалзиација.

Процесот на легализација на бесправно изградени објекти почна во 2011 година, кога беа доставени над 360.000 барања. Со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти, се овозможи дополнителен рок за поднесување барања. Услов е објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година. Со законските измени се утврди рок за доставување геодетски елаборати до крајот на следната година, а за претходно поднесените барање рокот беше пролонгиран до крајот на годинава. Се уште трае и можноста за изработка на бесплатни елаборати за социјално ранливите категории. Досега по тој основ се изработени  5.300 елаборати.

Од почетокот на процесот на легализација правен статус добија над 147.000 нелегално изградени објекти.