Поднесени кривични пријави за уцена во Ресен

Надворешната канцеларија за кривични работи Ресен поднесе кривична пријава против Г.Т.(33) и Б.О.(45) поради основано сомнение дека сториле кривично дело „уцена”.

Првопријавениот минатиот месец ја пресретнал оштетената во близина на нејзиното работно место во Ресен и со закана по безбедноста на нејзините деца ја принудил да влезе во возило кое било управувано од страна на второпријавениот.

Откако оштетената влегла во возилото Б.О. ја однел на непознато место и според исказот, таа не се чувствувала добро и не се сеќава на настанот.

Околу две недели по настанот на работното место на оштетената дошол Г.Т. и и покажал видео снимка од неа во возилото со закана дека ќе ја покаже на нејзиниот сопруг и девер, а потоа дека ќе ја постави на интернет, ја принудил да обезбеди 2.000 евра.

Оштетената обезбедила заем и во два наврата на првопријавениот му исплатила по 1.000 евра. Неколку дена потоа повторно дошол првопријавениот со уште едно непознато лице и на оштетената и кажал дека треба да обезбеди уште 2.000 евра.

На 20 ноември годинава настанот бил пријавен во Полициската станца Ресен, за што веднаш се преземени мерки и обезбедени докази за негово расчистување.