Поднесени нови 80.000 барања за легализација

Поднесени нови 80 илјади барања за легализација
Поднесени нови 80 илјади барања за легализација

Осумдесет илјади барања за легализација  на нелегално изградени објекти се доставени во продолжениот рок за таа намена, кој истече на крајот на минатиот месец.

– До завршување на рокот пристигнаа 80 илјади барања за легализација. Нашата проценка излезе реална бидејќи очекувавме од 50 илјади до 80 илјади барања, изјави денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Осумдесет илјади, посочи ресорниот министер, е добра бројка односно граѓаните доставиле доста барања и сега останува општините да си ја завршат својата работа.

– Од друга страна сите оние кои поднеле барања согласно Законот сега ќе можат својот геодетски елаборат да го направат до крајот на 2017 година. Имаат доволно време секој посветено да си го заврши својот дел и да си добие имотен лист за својата куќа, изјави Мисајловски, одговарајќи на новинарски прашања, при посетата на Општина Чучер Сандево.

На  почетокот на процесот на легализација на бесправно изградени објекти, од март до септември 2011 година, беа доставени над 360.000 барања. Со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти, се овозможи дополнителен рок за поднесување барања. Услов беше објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година.

Со законските измени се утврди рок за доставување геодетски елаборати до крајот на следната година, а за претходно поднесените барање рокот беше пролонгиран до крајот на годинава.

Од почетокот на процесот на легализација, според последните објавени податоци, правен статус добија над 147.000 нелегално изградени објекти