Поднесени повеќе прекршочни пријави за рибокрадци во Охрид

При контрола што ја спроведе езерска патрола на полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ одземени се две рибарски мрежи во должина од по 50 метри со улов од 13 парчиња риба .

Според соопштението од СВР- Охрид, мрежите биле забележани на околу 50 метри од езерскиот брег во близина на „Парк“ по што поради немање жиг од државниот инспекторат за земјоделство, а по консултација со јавниот обвинител, истите се одземени.

Минатиот месец еден албански државјанин беше затекнат во незаконит риболов во водите на Охридското езеро наспроти населбата Трпејца со  четири парчиња риба охридска пастрмка со тежина од 2,5 килограми, 20 пластични шишиња со по шест блинкери и друга рибарска опрема, 1 метален чамец, 1 пента марка Џонсон, една пластична канта за бензин, клешти и друг риболовен алат. Против него поднесена е кривична пријава за незаконит риболов и му беше одредена мерка притвор.

Неодамна полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ на околу 20 метра од брегот наспроти угостителски објект на кеј „Македонија“ затекна малолетник во момент кога со недозволено средство за подводен риболов-подводна пушка врши незаконит риболов.

Во неколку акциски контрола во ноќните часови, полициските службеници кај малата плажа-вила „Билјана“ пронајдоа и одзедоа една рибарска мрежа со должина од околу 50 метри и димензии на окца 60-60мм со улов од осумнаесет парчиња риба-десет парчиња охридски крап со вкупна тежина од 9,5 килограми и осум парчиња клен со вкупна тежина од осум килограми.

Во слична акција, полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ пронајде и одзеде 20 рибарски мрежи со вкупна должина над 1000 метри, близу 30 килограми парчиња разновидна риба и повеќе примероци на риболовен алат и прибор.

Согласно Законот за рибарство и аквакултура, против повеќе лица поднесени се прекршочни пријави.

Од Државниот инспекторат за земјоделство – Охрид и концесионерот „Пастрмка 2012“ од Охрид беше најавено интензивирање на контролите на Охридско Езеро, посебно пред претстојниот мрест на охридската пастрмка, притоа укажувајќи на нулта толеранција за прекршителите на Законот за рибарство и аквакултура и подзаконските акти од истиот, како за рибокрадците така и за риболовците кои ловат без риболовна легитимација и дозвола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.