Подобар третман за предвремено родените бебиња

Од почетокот на месец август на Клиниката за гинекологија и акушерство е отворен лактариум, каде мајките на предвремено родените бебиња може да се одмолзуваат и оставаат млеко за новороденчињата.

Директорката на Клиниката, Марија Хаџи Лега посочи дека лактариумот е сместен на Одделот за интензивна неонатална нега и терапија на новороденчиња.

– Респектирајќи го значењето на мајчиното млеко од имунолошки, социјален и емоционален респект, Клиниката го отвори овој лактариум, со цел грижа на најранливите категории на новороденчиња. Во лактариумот постојат информации за сите мајки, кои имаат предврмено родено дете пред напуштање на Клиниката добиваат упатство како може да го остварат ова свое право. Да го експресираат млекото и на тој начин да овозможат многу поквалитетен живот, односно да ја намалат можноста за смртност и придружни заболувања кои се присутни кај предвремено родените. Функционира на принцип на закажување и одредување термини во кои мајките може да направат експресија на мајчино млеко, изјави Хаџи Лега.

Тим од неонатолози на Одделот за интензивна нега и терапија и медицински сестри е задолжен да се грижи за мајките кои експресираат млеко во лактариумот, а работи во согласност со локални водичи израбтени од тимот кој го основал.

– Мајчиот млеко е најоптималната исхрана за секое новороденче без оглед на тоа дали станува збор за навремено или за предвремено родено. Претставува мошне богат имунолошки и нутративен продукт, кој има големо значење пред се во зајакнување на имунолошкиот статус на новороденчето, и натамошниот развој. Има студии, кои покажуваат дека мајчиното млеко има голема улога во подигање на коефициентот на инетлегенција, што значи дека овие дечиња се поемоционално стабилни, достигнува побрза зрелост пред се кај предвремено родените на сите органски системи во нив, истакна Хаџи Лега.