Црно им се пишува на фирмите неплаќачи

Натрупаните обврски, задоцнети плаќања и застарени долгови им предизвикуваат главоболки на стопанствениците. Но, конечно ќе се стави крај на овие проблеми благодарение на Законот за финансиска дисциплина, кој што ќе почне да се применува од први мај оваа година.

Стопанствениците сметаат дека преку примената на овој закон конечно ќе се подобри ликвидноста и во целост ќе се стабилизираат должничко- доверителските односи меѓу компаниите.

„Уште од најавата за донесување на овој закон, истиот го поздравивме. Најголем проблем со кој што се соочуваме е лошата наплата. Сметам дека со примената на овој закон ќе се подобри ликвидноста на компаниите“, вели за Нетпрес, Глигор Цветанов, генерален директор на „Макпрогрес“ од Струмица.

Тој потенцираше дека можеби на почетокот некои од компаниите ќе се соочат со проблеми, но според него, тука се банките да ја дадат потребната финансиска поддршка.

Според првиот човек на компанијата „Здравје Радово“, Јован Дабески, законот е во духот на подобрување на финансиската дисциплина во земјата.

„Законот е во духот на подобрување на финансиската дисциплина и ќе им биде од голема помош на сите компании“, рече Дабески, нагласувајќи дека натамошното подобрување на законот ќе значи и поголема ефикасност и дисциплина на плаќања.

Причината поради која што се донесува овој закон е непочитување на роковите за подмирување на обврските меѓу компаниите. Со него ќе се уредува навременото исполнување на обврските кои произлегуваат од деловните трансакции меѓу компании од приватниот сектор, како и меѓу компании од приватниот и јавниот сектор.

„Глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на правното лице субјект од јавен сектор и правното лице економски  оператор од приватниот сектор, доколку нема да ја намири паричната обврска. Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на трговецот поединец. Глоба во износ од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на одговорното лице во правното лице економски оператор од приватниот сектор, доколку не ја намири паричната обврска. Глоба во износ од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на одговорното лице во правното лице субјект од јавниот сектор доколку не се намири паричната обврска во роковите утврдени со овој закон“, стои во законот.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, во една прилика потенцираше дека Законот за финансиска дисциплина ќе се однесува на регулирање на обврските меѓу приватните субјекти со рокови за плаќање на обврските со цел да се знае кога ќе потпишат договор дека обврската ќе се реализира во рок од 60 дена, освен доколку двете странки не се договорат поинаку, тогаш може да биде максимално до 120 дена. Но, исто таква одредба ќе има помеѓу државните институции и приватните, значи 60 односно 120 дена за плаќање.

До 31-ви демември оваа година рокот за наплата на долговите не може да биде подолг од 120 дена, од први јануари до 31-ви декември 2015-та година неподолг од 90 дена.