Подобрена безбедноста на територијата на Скопје

Бројот на регистрирани кривични дела на територијата на Скопје во првато полугодие од годинава е намален за 14,2 проценти, истакна министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска при денешната посета на Единацата за прв одговор и интервенција „АЛФА“.

Ова претставува евидентно подобрување на состојбите во областа на безбедноста во градот, додаде таа.

Според неа, резултатите следат по неодамнешната трансформација на единицата АЛФА и воспоставување на Единицата за јавен ред и мир, како и подобрувањето на координацијата со полициските станици од општа надлежност.

– Ако ги погледнеме статистиките, припадниците на Единицата АЛФА извршиле легитимирање на 7.834 лица, прегледале 1.367 возила и привеле вкупно 2.026 лица по разни основи. И ако ги гледаме состојбите во однос на криминалитетот, благодарение на активностите на полициските службеници од овие организациски единици, бележиме позитивен тренд во првото полугодие, односно регистрирани се за 14,2 проценти помалку кривични дела, а откривачката функција расте што е потврда на добрата организација и на посветената работа на луѓето кои ги извршуваат работните задачи на подрачјето на Град Скопје, рече Јанкулоска.

Поводот за посетата на министерката за внатрешни работи на Единицата за прв одговор и интервенција АЛФА е средба со полициските службеници кои учествуваа во спасувачката акција и успешно спречија обид за самоубиство на едно лице пред неколку дена во Скопје. Во акцијата за спасување, како што посочи таа, учествувале припадниците на единицата АЛФА на Единицата за јавен ред и мир и полициските службеници од полициската станица за општа надлежност Центар.

Денешната посета, како што истакна таа, ја искористила, покрај за честитки до припадниците на МВР кои учествувале во спасувачката акција, да поразговара и за предизвиците со кои тие се соочуваат во секојдневната работа и по трансформацијата.