Македонија,Економија

Подобрената конкурентност одлична порака до инвеститорите

Подобрената конкурентност одлична порака до инвеститорите

Скокот од 10 места на Македонија во најновиот извештај за конкурентност на Светскиот економски форум и рангирањето на 63 место, според експертите, е оптимистички и позитивен резултат на спроведените реформи во изминатите години,  сe порака за странските инвеститори, пренесува МИА.

– Самиот показател за скок од 10 места упатува на сериозни промени кои се случиле во делот на конкурентноста на националната економија, особено што оценката се прави во период кога завршува на некој начин светската економска криза, што секако е резултат на претходно преземаните, но и тековни реформи во економијата, изјави професорот од Универзитетот Американ колеџ Скопје Томе Неновски.

Според него, важно е што Македонија бележи подобрување во сите столбови врз основа на кои се мери конкурентноста, а особено иновациите и работата на институциите. –  За Македонија е особено интересно зголемувањето на оценката на конкурентноста на економијата во областите иновации и институции, затоа што ако се направи споредба со претходните оценки на тој показател, ќе се констатира дека во минатото конкурентноста на македонската економија беше најниско вреднувана во областите иновации и претприемништво.   Тоа ни дава насоки каде како држава во претстојниот период треба да се продолжи со дејствување за зголемување на конкурентноста на економијата и таа да го задржи сегашниот статус на лидер во регионот, по Бугарија,  вели Неновски.

Македонија, посочува, со овој податок би можела да се пофали пред странските инвеститори и се повеќе да ги привлекува како нивна крајна финансиска дестинација. – Конкурентноста е секогаш еден од најзначајните фактори за охрабрување на странските инвеститори за поголем интерес за вложување, посочува професорот Неновски.

Во Извештајот на Светскиот економски форум се дава целосна слика за состојбата на определени економии, анализирани преку 12 столба кои секој одделно опфаќа голем број параметри со што прецизно се отсликува состојбата во националната економија. Конкурентноста на македонската економија доби оценка 4,3 на скала од 1 до 7, а рангирана на 63 место, како најдобра во регионот по Бугарија.

Професорот  од Универзитетот за менаџмент и туризам Зоран Ивановски, во анализа на одделните столбови од Извештајот, посочува дека се потребни дополнителни инвестиции во патната и железничката инфраструктура.  Кај макроекономското опкружување, пак, како што вели, треба да се води сметка за висината на буџетскиот дефицит и учеството на јавниот долг во БДП, кои би требале да се држат под контрола и да се настојува да се намалуваат постепено. Кај ефикасноста на пазарот на трудот, според него, потребно е користење на талентираните дипломирани и магистрирани стручњаци, професионален менаџмент на компаниите, но и привлекување на талентираните – најдобрите студенти и нивно задржување во компаниите или во националната економија воопшто.

Според Ивановски,  технолошката подготвеност на македонската економија остава простор за стимулации на компаните кои вложуваат во нова технологија, а тие да размислуваат за освојување алтернативни пазари.

Во столбот каде што се иновациите и софистицираноста на бизнисот, наведува Ивановски дека треба поголемо инвестирање во истражување и развој што се потврдува и во столбот каде се анализира високото образование како базичен генератор на работна сила која може да ја води Македонија во развој. – Општо познат факт е дека најдобри инвестиции се тие во образованието и во истражувањето и развојот. Само тие на среден рок можат Македонија да ја воведат во друштвото на земји со повисок животен стандард, изјави Ивановски.

Извештајот за Македонија на Светскиот економски форум треба да биде детално анализиран  од Националниот совет за претприемништво и конкурентност. Треба да произлезат сет мерки и сугестии за подобрување кои понатаму ќе бидат предложени до Владата.

Извештајот покажува оти светот закрепнува од економската криза, САД се повторно на третата позиција, а шест европски држави се на листата меѓу првите 10. Најконкурентна економија шеста година по ред е Швајцарија, по што следуваат Сингапур, САД, Финска, Германија, Јапонија, Хонг Конг, Холандија, Велика Британија и Шведска. Извештајот на Светскиот економски форум опфаќа 144 држави и содржи 114 индикатори опфатени во 12 столбови со кои се мери конкурентноста и продуктивноста на една економија