Македонија

ВМРО-ДПМНЕ на централен митинг во Скопје: Подобро образование, нови работни места, повисоки пензи и влез во ЕУ и НАТО

Подобро образование, нови работни места, повисоки пензи и влез во ЕУ и НАТО

Коалицијата „За подобра Македонија“ работи, гради, решава проблеми и унапредува, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од вечерашниот масовен собир во Скопје.

-Нашата цел е да обезбедиме услуги за секој граѓанин од нашата земја на нивото на стандардот кој го имаат граѓаните во развиените земји, нашите деца да добиваат подобро образование, нашата младина да има повеќе работни места. Нашите работници да имаат повисоки приходи, нашите пензионери да добиваат подобри социјални и здравствени услуги и да имаат повисоки пензии. Нашата цел е влез во ЕУ и НАТО, држава на среќни и горди граѓани. ЕУ и НATO како реална цел. Повисоки примања и повисок стандард во сите области. Во тоа светло, ги подготвивме нашите студии и планови. Ги поставивме и нашите цели во оваа насока. Не само што победуваме на овие избори, туку и мислиме однапред и ни се приоритет не само сегашните, туку и идните генерациите кои допрва доаѓаат. Размислуваме 10 години однапред, 20 години нанапред. Имаме и соништа и визија и храброст и љубов и верба и одлучност, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој вели дека ваквиот начин на работа е главната разлика и квалитет меѓу ВМРО-ДПМНЕ и останатите.

Пред огромниот број на граѓани порача дека сите сме пред еден голем историски момент.

-На 15-ти октомври ќе ги одбереме оние кои се комплетно способни и мотивирани, со жар, за да ја креираме иднината на Скопје. Ги знаете многу добро, го знаете добро Коце Трајановски! Тој напиша историја во Скопје. Создаде толку многу нови и големи работи и тој знае најдобро што значи локалната самоуправа.  Гледам голема енергија меѓу сите вас вечерва тука во Скопје и заедно со сите овие луѓе, со огромен ентузијазам ќе ви понудиме подобри услуги на сите. Нашите кандидати ќе продолжат да работат непрекинато и неуморно за своите општини и региони, истакна Груевски.

Новата ера за Скопје ќе донесе бројни проекти од кои добробит ќе имаат сите граѓани од сите скопски општини.

-Новата ера за Скопје ќе донесе нови булевари. Почеток на изградба на Јужен булевар, продолжение на булеварот АСНОМ, комплетно ново сообраќајно решение  и турбо кружен тек кај Хубо Маркет, проширување на булеварот „Борис Трајковски“ од Пинтија до пред влезот на Драчево, нова траса на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“. Изградба на нови водоводи во Ченто, Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Хиподром и на други места. Ќе изградиме и реконструираме зелени површини на површина од 500.000 метри квадратни. Парк во општина Аеродром со површина од над 100.000 метри квадратни, парк во општина Карпош по должината на реката Вардар, зеленило покрај новите булевари и на многу други места. Градба на нова велосипедска инфраструктура, каде предвидуваме изградба на 20 километри велосипедски патеки. Нов забавен парк на местото на постојниот Луна-парк, истакна Груевски.

Тој објави дека ќе биде модернизиран јавниот градски превоз преку набавка на најмалку 20 електрични двојни автобуси.

-Модернизацијата на приватните превозници на автобуси во јавниот превоз, преку субвенции од 10.000 евра од автобус од ЕУРО 5 или ЕУРО 6 стандард или поставување на уреди на гас. Субвенции за такси превозниците во Скопје за набавка на електрични возила, каде би се субвенционирале до 3000 евра од набавено возило. И многу други нови капитални проекти и инвестиции. Верувам дека кога сите наши планови за овој град ќе станат реалност, луѓето од другите земји ќе започнуваат да прашуваат „Како го направивте ова, како успеавте во сето ова?“. Тогаш ќе им го кажеме следното: Ова го постигнавме со нашата љубов за Скопје, со нашата љубов за Македонија. Ова го постигнавме заедно, порача Груевски.