Подземната сообраќајница нема да се гради

Планот за изградба на подземната сообраќајница од Влада до почетокот на булеварот Кузман Јосифовски Питу, се става во мирување откако Градската власт го поништи и вториот тендер за избор на фирма изведувач.

Градот ни приближно не ја доби планираната цена од 45 милиони евра. На тендерот се пријавиле три фирми, а нивните понуди биле 67 милиони евра, 77 милони евра и 90 милиони евра.

Вчера се потпиша одлуката за прекинувањето на втората тендерска постапка за оваа сообраќајница.

„Минатата година во јануари објавивме еден тендер, но со оглед на високите цени тендерот пропадна. Повторно објавивме тендер во ноември 2013 година и се пријавија поголем број на компании, на крајот на електронската аукција останаа три компании но сите ги задржаа високите цени. Така што, она што ни беше буџетирано односно 45 милиони евра заеднички со Владата не беше ни блиску до најниската понуда од 67 милиони евра од една италијанска компанија. Втората беше 77 милиони и 90 милиони беше третата понуда од компанија. Со оглед на тоа што вредноста на најниската понуда после електронската аукција е скоро за 50 отсто повисоко од она што е предвидено во буџетот, ние како Град Скопје одлучивме да ја прекинеме постапката, немаме многу поле ни за преговарање. Понатаму ќе размислуваме што ќе правиме со подземната сообраќајница“, истакна градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Градот за подземната сообраќајница, ќе се обиде да добие средства преку Европските фондови, а до тогаш, како што најави Трајановски, нема да запре околу подобрување на сообраќајот, од аспект на сообраќајници.

„Имаме други поевтини алтернативни решенија кои може да ги правиме во Градот. Веќе Секторот за сообраќај ги прави почетните студии и елаборати околу новите решенија. Тие ќе придонеса  за растоварување на сообраќајот во Скопје, а подземната сообраќајница ќе ја оставиме за подоцна. Направивме максимум што можевме да направиме меѓутоа на пазарот не добивме цена која што е барем приближна на онаа која што Градот Скопје ја имаше буџетирано“, додаде Трајановски.

Подземната сообраќајница составена од две коловозни ленти беше предвидено да се гради на потегот помеѓу мостот „Гоце Делчев“ и булеварот Кузман Јосифовски Питу. Вкупната должина на трасата требаше да изнесува 1.300 метри, од кои 900 под земја, додека 400 метри над земја.