Поедноставена постапката за добивање лекови на товар на ФЗОМ

Можност за унапредување на правата на пациентите и нивна заштита, разгледување на поплаки и предлагање на мерки со цел задоволување на  потребите на пациентите и можноста за унапредување на нивната здравствена состојба беше темата на средбата на директорката на ФЗОМ, м-р Маја Парнарџиева-Змејкова со претседателот на Комисијата за унапредување на правата на пациентите во Град Скопје, Душко Ѓорѓиев.

Директорката Парнарџиева-Змејкова информираше дека на барање на лекарите, а по детални анализи на Фондот, во јули 2014 година се донесе одлука на Управен Одбор на ФЗОМ, со што е направена измена на постоечката Позитивна листа на лекови во индикациите и режимот на препишување, се со цел поедноставување на постапката за добивање на лек на товар на Фондот.

Претседателот Ѓорѓиев информираше дека во Град Скопје веќе втор мандат, Комисијата за унапредување на правата на пациентите ги разгледува поплаките од пациентите и предлага мерки за подобрување на заштитата на пациентите до надлежните органи.

Како заокружување на работната средба се заклучи дека и во иднина ќе се продлабочува одличната соработка на највисоко ниво, кое се потврдува и преку учеството на претставник на ФЗОМ, кој е делегиран како член во Комисијата за унапредување на правата на пациентите.