Поедноставување на услугите на Катастарот преку буџетските корисници

SONY DSC

Со поставување ПОС терминали во сите буџетски корисници Агенцијата за катастар на недвижности ја поедноставува постапката за поднесување барање и плаќање надоместок без провизија за користење на нејзините услуги преку буџетските корисници.

Имплементацијата на ПОС терминалите започна со пилот општината Аеродром, во текот на месецов продолжува во сите скопски општини, а од 1 септември ќе бидат опфатени сите општини во Македонија, пренесува МИА.

Сите корисници кои имаат сметки во деловните банки како што се адвокатите, нотарите, проценителите веќе имаат платежни картички и го користат виртуелниот ПОС терминал за плаќање на услугите кон Катастарот. Сите буџетски корисници, пак, како што се општините, агенциите, управите, министерствата досега надоместоците кои ги плаќаат до Катастарот ги плаќаа на фактура.

Новината е тоа што Агенцијата за катастар на недвижности ќе испорача ПОС терминал до секој од  буџетските корисници и граѓанинот ако досега мораше да дојде до општината да праша колку треба да плати надоместок за да може да се поднесе барањето, па да оди во  банка да го уплати износот со банкарска провизија и повторно да  се врати во општината да ја донесе уплатницата за да се поднесе барањето до Катастарот, сега тој чекор веќе го нема. Инвеститорот доаѓа, системот автоматски пресметува колку треба да се плати и со платежна картичка веднаш на лице место се врши плаќање и поднесување барање до Катастарот, рече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека  досега ако инвеститорот на новоизграден објект побараше од општината по електронски пат да поднесе барање за запишување на новоизградениот објект во катастарот, општината му правеше пресметка колку треба да плати за упис во катастарот при што тој мораше преку банка средствата да ги уплати на сметка на општината и да плати банкраска провизија, по што општината преку електронскиот шалтер предметот го доствуваше до катстарот. Катастарот, пак, на крајот на секој месец доставуваше фактури до секоја општина за сите трансакции во текот на месецот.

Со реформата која се презема во овој дел се овозможува инвеститорот без провизија, директно со платежна картичка преку ПОС терминали на Катастарот, кои се наоѓаат во секоја општина и се поврзани со електронскиот шалтер, со едно доаѓање да добие информација за износот кој треба да го плати и веднаш да изврши плаќање и поднесување на барање за упис на новиот објект во катастарот, рече Трпески, нагласувајќи дека на овој начин се крати и времето потребно за доставување на предметот од општина до катастар, се намалуваат трошоците на општините и катастарот за сметководствени услуги и се подобрува услугата кон инвеститорите и граѓаните.

Електронскиот шалтер, како што истакна, Агенцијата за катастар на недвижности го пушти во употреба во февруари 2014 година и денеска го користат 711 професионални корисници, односно сите геодетски фирми, сите нотарски канцеларии, сите општини, извршители, банки, проценители, стечајни судии, министерства, агенции и управи. Заклучно со јули годинава преку електронскиот шалтер доставени се 1.104.599 барања, а Агенцијата за катастар на недвижности во јули 2016 година 58 отсто од сите барања, односно 43.150 од вкупно 73.837 ги доби по електронски пат. Лани во јули биле примени 83.937 барања од кои 38.517, односно 46 отсто по електронски пат.

Оваа реформа веќе ги дава резултатите, а тоа најдобро се гледа на шалтерите во Агенцијата за катастар на недвижности. Денес имаме 58 отсто помалку граѓани кои треба да дојдат до нашите шалтери за да поднесат барање со што значително се намали гужвата во катастарот. Но, не застануваме тука. Нашите напори се катастарот да прима што е можно повеќе предмети по електронски пат и за тоа минатото лето поднесовме иницијатива за промена на 30 закони со цел сите државни институции и приватни субјекти со пренесени јавни овластувања да се поврзат со катастарот и по електронски пат да комуницираат со катастарот. До денес се изменети 23 закони а преостанатите 7 се во владина процедура, потенцира Трпески.

Последни два закони кои се донесени, посочи, се Законот за нотаријат и Законот за извршување.

Со Агенцијата за катастар на недвижности електронски се поврзани сите 168 нотари, како и 92 од вкупно 97 извршители. Очекуваме преостанатите пет извршители да склучат договор со Агенцијата за катастар на недвижности во најскоро време…. Примената на новите закони за нотаријатот и за извршување требаше да почне од 20 август е одложена и ќе се применуваат од 1 јануари 2017 година, рече Трпески.

Прецизира дека од 1 јануари покрај договорите за купопродажба, за дар, за физичка делба, за размена на недвижен имот, за закуп на недвижности, за доживотна издршка, за распределба на имот за време на живот, за заложно право, нотарот  ќе биде должен до катастарот да ги доставува и наследните решенија, како и изјавите на хипотекарните доверители за бришење на хипотеката. Извршителот, пак, ќе биде должен да се поврзи електронски со катастарот и исклучиво по електронски пат да ги доставува налозите, заклучоците и другите документи кои произлегуваат од  вршењето на неговата работа.