Поетите на ДПМ утре настапуваат во Македонски Брод

Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија утре во 12 часот гостува во Македонски Брод.

Пред љубителите на пишаниот збор, во Македонски Брод ќе настапат поетите: Раде Силјан, Олга Арбулјевска, Бранко Цветкоски, Миле Јовановски Поречанец, Марина Мијакоска, Веле Смилевски, Мирјана Стојановска, Санде Стојчевски, Кочо Топузоски, Весна Мундишевска, Милош Линдро, Јусуф Сулејман, Викторија Силјановска, Стојан Тарапуза, Никола Илијовски, Бобан Богатиновски, Александар Поповски и Ленче Милошевска.

Во рамките на годинашниот циклус, поетскиот караван на ДПМ гостуваше во Свети Николе, Крива Паланка, Битола, Штип. Тетово, општина Илинден, а настапи и на Фестивалот на детското литературно творештво „Ракатки“.

Циклусот од 17 поетски каравани за оваа година, Друштвото на писателите на Македонија го реализира во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во земјата. Во оваа манифестација ќе земат учество 80 поети од сите генерации.